Со генотипизирање кое наскоро ќе го објавиме успеавме да докажеме дали нашите предци биле Словени или антички Македонци.
Можете да ја смените историјата, но не и гените! Вие можете со разни договори да ги смените учебниците по историја, да ги смените книгите, да ги принудувате историчарите да пишуваат според владините барања за промена на историјата, но не можете да ги смените гените и крвта која тече во нашите вени! Буквално, во нашите вени тече историјата на Македонија. По објавувањето на резултатите, сите хипотези за потеклото на македонскиот народ треба да бидат затворени и да се официјализира тоа што ние ќе го тврдиме. Дури и тоа сега што досега го имаме како резултат, ќе предизвика земјотрес кај македонската јавност, вели во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР, генетичарот Џундев
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Кој е Димитар Џундев, човекот за кој знае светот, но малкумина во родната Македонија?
Роден сум во Гевгелија, каде што го завршив основното образование, а потоа средно продолжив во Скопје. За време на средното образование имав освоено дваесетина први места, награди, медали и признанија на државните и меѓународните натпревари по хемија, математика, физика и астрономија. Во тоа време бев еден од најнаградуваните средношколци воопшто од независноста до тогаш.
Благодарение на сите овие награди, бев примен да студирам на повеќе елитни универзитети, сите рангирани во првите 100 најдобри универзитети во светот. Бидејќи од високо рангираните универзитети, студиска програма за дипломиран генетичар постои само на Универзитетот „Шефилд“ во Велика Британија, јас на крајот се одлучив да заминам на „Шефилд“ и таму да го продолжам моето образование. За првпат таму имав можност да работам со дел од најдобрите научници во светот, а на денот на дипломирањето бев награден и со престижната награда Sheffield Graduate Award.
Постдипломски студии продолжив на Лудвиг-Максимилијан Универзитетот во Минхен (LMU), кој е еден од најстарите и најелитен германски универзитети. За време на магистерските студии, имав можност дел од моите студии да ги поминам по еден семестар на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих (ETH Zurich) и седум месеци на престижниот Центар за геогенетика на Универзитетот „Копенхаген“. Во ETH Zurich работев на истражување за населувањето на Маорите во Нов Зеланд, додека пак во Копенхаген работев на биоинформатички анализи на геномот за определување на македонското потекло. Секаде кај што студирав имав феноменални услови за учење и работа, работев со дел од најдобрите научници и бев образован да бидам добар генетичар. Дополнително, се имам здобиено со работно искуство во Македонската академија на науките и уметностите, Руската академија на науките, како и во Швајцарскиот федерален институт за водена наука и технологија (EAWAG), а мал временски период престојував и во Полската академија на науките. Со знаењето и искуството, кое го стекнав на најдобрите универзитети во светот, се вратив во Македонија и ја основав Генем – првиот старт-ап за античка ДНК и палеогеномика во светот.
Зошто одлучивте да се вратите во Македонија?
Иако имав многу понуди да работам во некоја од европските земји, со искрена надеж и амбиција да ѝ помогнам на мојата татковина во овие тешки историски времиња, јас одлучив да се вратам во Македонија. Затоа што тоа е моја должност и чувствувам дека Македонија ме повикува, како член на македонската интелигенција се чувствувам одговорен и повикан да направам сè што е во моја моќ да ѝ помогнам.
Сакам овде во Македонија да изградам светски позната компанија, со која секој Македонец ќе се гордее. Веќе „Генем“ произведува врвна светска наука и работи според највисоките светски стандарди за квалитет. Макотрпно работам да дизајнирам и да понудам на пазарот нови производи и услуги, како и да изградам компанија, која ќе нуди иновативни и најпрецизни генетски тестови на пазарот. И покрај сите проблеми, кои ги има во државата, сакам да докажам дека и во Македонија се може, сакам да создадам нешто што ќе биде светско, но „Made in Macedonia”!
Јас припаѓам на една нова генерација Македонци, кои се родиле и пораснале во независна Македонија. Сакам да докажам и да покажам дека Македонецот може, дека местото на Македонецот е да биде на врвот и да биде прв во светот. Знам дека ова е премногу амбициозно, но секој Македонец е амбасадор на Македонија, ние мора да дадеме сè од себе да бидеме помеѓу најуспешните во светот во полето во кое ние твориме и работиме. Свесен сум дека ова е пеколно напорен и долг пат, но ако вложиме доволно труд и енергија, знам дека еден ден ќе успееме.
Од каде идејата за истражувањето на поврзаноста на денешните Македонци и античките, колку време и со кого го правевте истражувањето, колку примероци беа собрани и каде беа испитувани?
Пораснав слушајќи ги приказните за нашето потекло од градовите на античките Македонци и газејќи по земјата полна со коски на луѓето кои живееле на оваа земја пред илјадници години. Логично е да се запрашаме кои сме ние, што се крие во крвта која тече во нашите вени, дали античките Македонци или Словените се нашите предци…
Поради тоа, започнав истражување во Руската академија на науките (РАН) за потеклото на македонскиот народ. Јас добив грант од германската, односно баварската влада, а РАН имаше свои ресурси со кои го започнавме истражувањето, за кое имавме финансии за околу 80 примероци. Подоцна истражувањето се прошири на вкупно 250 луѓе, од Македонци и уште две етнички групи. Примероците беа земени од сите делови на етничка и историска Македонија, во согласност со македонските дијалекти, а лабораториската работа ја продолжив во Руската академија на науките во Москва. Во РАН ги анализирав варијантите на Y хромозомот, кои постојат кај Македонците, односно предците по машка линија на испитаниците. Со генотипизирање ние успеавме да направиме јасна разлика и да дефинираме дали предците на определена личност биле Словени, кои се населиле на овие простори, или пак се домородно античко-македонско население. Методот на работа вклучува комплексни анализи за дали тестираните лица се директни биолошки наследници или, пак, колку се блиску до древните луѓе кои живееле во Македонија, на Балканот, зад Карпатите, и на другите региони на Медитеранот и Евроазија.
За истражувањето да биде поткрепено со цврсти докази, потребно е да се извршат дополнителни секвенционирања на геномот, како и низа други комплексни анализи со кои никој во светот нема да се осмели да ги побие нашите истражувања. Но сè што е квалитетно, е и премногу скапо, а исто така и бара премногу време и енергија.
За ваква круцијална тема како потеклото на македонскиот народ, македонската (поранешна) влада ни денар нема дадено, па на почетокот мораше германската (баварската) влада да го финансира и да поддржи дел од истражувањето. За жал, освен германската, поточно баварската влада и руската академија, никој друг не се интересираше за истражувањето, особено не во Македонија. Дури, една државна национална институција ја попречи мојата работа со изговор за истражувањето дека, ќе ги цитирам со нивни зборови „тоа Грција не го сака“. Буквално, институциите ја мешаат политиката во науката, што е апсолутно недозволиво. Во светот постојат многу места за финансирање на наука со грантови за испитување на научни теми и проблеми, но никој нема да финансира истражување на Македонците, бидејќи тоа не е во нивен интерес. Јас добив понуди да работам на демографската историја на Данците и други народи, но немам мотивација и желба тоа да го правам, мојата цел е да ги откријам тајните на крвта која тече во нас.
До каде е истражувањето и кога ќе заврши?
Се работи за истражување со историска тежина, кое нема да остави белег за ден или два, туку ќе остане да стои за векови и векови. Фактите и резултатите кои ние ќе ги добиеме ќе бидат овде да сведочат за нас како народ и нашата историја. Имаме свето право да го знаеме нашето точно минато и ова е многу важна и чувствителна тема. Затоа тоа што ние го правиме мора да биде буквално на врвот на светската наука и по квалитет да биде прифатено буквално од целиот научен свет на планетата. Односно по објавувањето на резултатите, сите хипотези за потеклото на македонскиот народ треба да бидат затворени и да се официјализира тоа што ние ќе го тврдиме. Дури и тоа сега што досега го имаме како резултат, ќе предизвика земјотрес кај македонската јавност.
Затоа, многу битно е истражувањето да биде направено со највисоки можни стандарди. Оттука, не сакаме да брзаме, и сè додека немаме најдлабочински, најобемни и најрелевантни можни резултати, не сакаме ништо да објавиме. Јас за мојата работа одговарам пред историјата, не можам да објавам нешто што не е 100% потврдено и силно издржано со цврсти докази. Резултатите ќе бидат објавени тогаш кога јас ќе бидам задоволен од квалитетот што ќе го постигнеме, а моите лични критериуми се многу, многу, многу повисоки од критериумите на рецензентите во Science и Nature.
Има милиони научни трудови кои никој не ги чита, како и трудови како тие на Лавоазје, кои се релевантни и се читаат и по неколку векови од кога се напишани.
Што покажаа резултатите од досегашните завршени испитувања?
Можете да ја смените историјата, но не и гените! Вие можете со разни договори да ги смените учебниците по историја, да ги смените книгите, да ги принудувате историчарите да пишуваат според владините барања за промена на историјата, но не можете да ги смените гените и крвта која тече во нашите вени! Буквално, во нашите вени тече историјата на Македонија!
Бидејќи многу добро знам што значат нашите резултати, можам да ви потврдам дека имам феноменални резултати кои би одекнале во македонската и научната јавност како атомска бомба, но тоа не ми е целта и затоа сум многу внимателен. Факт е дека поради комплексната ситуација во Македонија, резултатите ќе предизвикаат далекосежни последици. Затоа, многу внимавам да не се обои и политизира истражувањето. Целокупното истражување и резултатите ќе бидат објавени наскоро, кога целиот научен процес ќе заврши на највисоко можно научно ниво. Морам да напомена дека апсолутно во никој случај нема да дозволам политиката да се меша во науката, за што веќе имаше обиди.
Како е да се биде научник во приватниот сектор, дали тоа е исто или, пак, се разликува од тоа да се биде научник во универзитетите?
Да се биде научник во бизнис и во академскиот свет не е исто. Во академскиот свет научниците се борат резултатите од нивните истражувања и нивните научни трудови да бидат објавени во научните списанија и да бидат прочитани и широко разбрани. Но во бизнис-светот е обратно, вие инвестирате буквално години работа и енергија во нов иновативен производ или технологија, која решава одреден постоечки проблем, а притоа не смеете да дозволите конкуренцијата да го дознае начинот на кој ги решавате зададените научни проблеми. Искрено, жал ми е што како научник во старт-ап светот, морам да потрошам месеци и месеци работа, дизајнирајќи научни експерименти, технологии и производи, за на крајот на денот методот да остане деловна тајна, кој мораме да го криеме и заштитиме од конкуренцијата. За жал, ова не е електротехнологија каде што може да се патентира одреден производ, во генетиката секој може да ви го ископира експериментот, а со тоа индиректно да ви нанесе финансиска штета. Во академскиот свет методите ги споделувате со сите, но во бизнис-светот – со никој, освен со агенциите и телата кои ве надгледуваат и ве сертифицираат за работа и квалитет.
Какво е искуството да се има стар-ап компанија во Македонија и да се твори овде?
Нашето мото е први во Европа и први во Светот. Нашата цел е да создадеме совршенство на тестовите кои ги работиме. Нашата цел е да го импресионираме светот со продуктите и услугите кои ги дизајнираме, на што силно и посветено работиме.
Тешко е човек да се бори со конкуренти како „Абот“, „Фајзер“, „Рош“, „Термо Фишер“, кои имаат традиција од повеќе векови, имаат над 100.000 вработени и капитал од десетици, па и стотици милијарди евра. Но јас сум сигурен дека барем во некои категории ќе можеме силно да ги победиме.
Компаниите со кои се натпреваруваме се изградени во 19 век, а сега сме 21 век. Не се гради силна биотехнолошка компанија за краток временски период, а исто така самите истражувања, клинички студии, добивањето на соодветните дозволи итн. може да одземат буквално декади. Ова е тежок и долг пат, но ниту Рим не е изграден за еден ден, ниту пак Македонија, а исто така долг и тежок е и нашиот пат.
Резултатите сигурно нема да ги видиме веднаш уште утре, но кога-тогаш тие ќе дојдат, ние работиме темелно и квалитетно. Во оваа област, поради потребата од клинички испитувања, кои можат да траат и повеќе од деценија, како и строгите правила за квалитет, за успешни резултати потребно е подолго време.
Нашето искуство за бизнис-условите во Македонија не е блескаво. Први во Европа и во светот имавме произведено технологија за детекција на SARS-CoV-2 на површини (рачки, маси, столови, прибор за јадење) како и мобилна лабораторија за античка ДНК. Но не ги добивме неопходните дозволи од македонските институции, кои впрочем сè уште ги чекаме. Причината е што во Македонија се работи исклучиво според партиски книшки и врски. Не ни прават штета само нам, туку ѝ прават огромна и астрономска штета на Македонија. Бидејќи успехот да се произведе SARS-CoV-2 тест за на површини ќе беше пред се огромен успех за Македонија, бидејќи Македонија ќе беше прва земја во светот која ја произвела оваа технологија и де факто ќе бевме први, пред земјите како САД, Русија, Кина.
Во 2020 година, технологијата за брза проверка на SARS-CoV-2 на површини, која ќе имаше примена во ресторани, авиони, јавен превоз, беше нужна и можеше да го промени светот во тој момент. Но во 2022 година буквално нема потреба од таа технологија. За жал, ние уште од 2020 година сè уште ги чекаме соодветните дозволи и одобренија.
Нашата компанија има произведено технологии кои се на врвот на светската наука, но прашањето е кога ние ќе ги добиеме потребните дозволи за да можеме да ги пуштиме истите на пазарот. Ќе напоменам дека доколку во нормална држава ние ги добиевме потребните дозволи навреме, не само што нашата компанија ќе имаше огромен раст, туку и бруто-домашниот производ на Македонија ќе имаше раст, бидејќи нашите производи за време на светската пандемија на Covid-19 ќе можеа да се продаваат масовно низ светот.
Доколку мојот старт-ап беше основан во друга држава, најверојатно ќе вредеше стотици милиони, но сепак тоа тогаш ќе беше една данска, германска, англиска компанија, а не македонска. Но, не жалам, јас сум патриот кој се бори за Македонија и мене пред сè целта ми е да создадам дела на кои ќе се гордее Македонија. Се надевам и дека ќе успеам во тоа.