Д-Р ОЛУМЧЕВ: Изградивме хибриден имунитет кој есенва ќе нè штити од нови корона-соеви и од други респираторни вируси!

Во изминативе две и пол години изградивме еден хибриден имунитет, што со вакцинирање, што со прележување на короната, кој и тоа како ќе ни користи во есенските месеци, кога ќе биде сезона и на други респираторни вируси, и евентуално, нови подваријанти на корона-вирусот, изјави за весникот ВЕЧЕР епидемиологот Олумчев.  Тој е оптимист дека до крајот на годината, ковид-вирусот ќе се внесе во евиденцијата на ендемски вируси и ќе се третира како и другите вируси, со вакцинирање по сопствен избор

996

Во моментот, на подрачјето на Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, епидемиолошката ситуација е поволна, изјави за весникот ВЕЧЕР, доктор Сашко Олумчев, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Велес, Подрачна единица Гевгелија.

-Имаме 80-ина активни случаи, кои се со симптоматологија полесна дури и од настинка, само со еднодневна температура, и кои се третираат од матичните лекари. Немаме пациенти на болничко лекување, додека минимален процент на инфицираните граѓани имаат потреба да се јават на специјалистички преглед. 90 отсто од тестираните пациенти, кои се јавуваат кај нас се позитивни, но тоа е само бројка, додека симптомите се лесни и заради сигурност на нивните блиски, ние определуваме седмодневна изолација, вели д-р Олумчев.

Во моментот во Македонија, додава, во изминативе две и пол години, изградивме еден хибриден имунитет, што со вакцинирање, што со прележување на короната, кој и тоа како ќе ни користи во есенските месеци, кога ќе биде сезона и на други респираторни вируси, и евентуално, нови подваријанти на коронавирусот.

– Јас не очекувам драматична промена на оваа ситуација и наесен. Иако, со почетокот на есента и на училишната година, можно е да се зголеми бројката на инфицирани и појава на отсуство од работа и од часовите, поради мерката од седумдневна изолација, но, не очекувам влошување на симптоматологијата.  Мислам дека во наредниот период Комисијата за заразни болести ќе ја  намали оваа изолација на 3 дена. Исто така, сакам да потенцирам дека сум оптимист и очекувам до крајот на годината, ковид-вирусот да се внесе во евиденцијата на ендемски вируси и да се третира, како и другите вируси, со вакцинирање по сопствен избор, секоја година, вели Олумчев.  (Љ.А.)