Повторно се актуализираше прашањето за раст на минималната плата. Овој пат барањето произлезе од Стопанската комора на северозападна Македонија од каде што побараа минималецот да биде 500 евра, придонесите да се намалат од 47,7 на 32 отсто, а дел од администрацијата да се прераспредели во приватниот сектор. Неодамна министерот за економија Бесар Дурмиши изрази желба дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но дека претходно треба да се направат законски измени. И барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за 450 евра минималец сè уште чека да дојде на дневен ред на оваа Влада, а требаше да биде приоритет на новата Влада и да се донесе уште во првите 100 дена. Секако ова е и новогодишна желба на над 25 илјади работници во државата кој земаат минимална плата од 22.567 денари го повторуваат откако ВМРО треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.
Синдикатот и експертите сметаат дека со растот на минималната плата, паралелно мора да растат и останатите плати. Не може само да расте минималецот бидејќи во таков случај ќе се дојде до ситуација минимална плата да земаат најголемиот дел од работниците. Растот мора да ги следи трендовите на инфлација и покачувањето на цените, во спротивно целта нема да биде постигната.
-Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.861 денар и е зголемена за 840 денари во однос на ноември, покажува дека платите мора да се зголемат, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Според последните податоци на УЈП, над 25 илјади работници во земјата земаат минимална плата, додека 88 илјади вработени имаат примања помеѓу минималната и просечната плата. Од ССМ велат дека загрижува фактот што поголем дел од работниците кои се меѓу минимална и просечна се поблиску до минималната плата.
-Работодавачите мора да знаат дека најглавниот капитал се работниците и нивното задоволство, без оглед на тоа дали било изразено во плата, минимална плата, просечна плата итн. Ниските плати се една од најголемите причини поради која сè поголем број на млади луѓе се одлучуваат да заминат од државата. А, можностите се големи, изјави Милан Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена најави дека во 2025 година ќе растат платите на сите вработени освен на функционерите.
– Тоа го правиме, со измени на законското решение ќе нема покачување на функционерските плати. Оваа измена на законот наскоро ќе биде пред пратениците. Ќе работиме сите вработени да имаат повисоки плати. Така ќе работиме, во интерес на граѓаните – рече премиерот Мицкоски.
Во Собранието во тек е процедурата за измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресмета на платите. Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година, кога се усогласува со просечната плата од претходната година.
Комората денеска повторно го актуализираше и прашањето за раст на минималната плата. Како што изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, веќе една година бараат минималната плата да биде 31.500 денари.
-За администрацијата, нашите предлози се од претходно, уште пред да дојде оваа Влада. Мислиме дека администрацијата е преоптоварена и сакаме дел од неа да се преквалификува во приватниот сектор. За минималната плата, исто така, зборуваме веќе една година и бараме да биде 31.500 денари. Бараме и придонесите да се намалат зашто мислиме дека се превисоки и тоа е товар што ја пенализира платата. Кај нас е прогресивно, што повеќе плата даваш, даваш и повеќе придонеси. На илјада евра се плаќа 52 отсто, не се плаќа 47 отсто. За минималната плата се плаќа 47,5, а за повисока плата, од илјада евра на пример, 52 отсто. Во Словенија каде што има повисока плата, 42 отсто оди надолу, од 42 на 41,… На таков начин да се стимулира, истакна Ќура.
Тој не прецизираше како би се стимулирало евентуалното преминување на дел од администрацијата кај бизнисот, дали преку некој вид испратнина или повисоки плати. Но, рече дека потребно е Владата и компаниите за да ги стимулираат тие работници да се префрлат од администрација во приватен сектор.
(А.С.)