Во изминативе 5 години цената на квадрат државно земјиште што се продавало се движела од 71 до 18.400 денари (од 1,2 до 299 евра) и во постапките за продажба на државно градежно земјиште просечно учествувале по 4 потенцијални купувачи. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации општините Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип, во последните пет години, продале 507.826 квадратни метри градежно земјиште кое било сопственост на државата. Намената на градежното земјиште била за семејно домување, за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, складови, хотелски комплекси. Градежното земјиште во сопственост на државата било продадено на 41 правно лице и на 17 физички лица

 

Речиси секојдневно во дневните весници општините објавуваат одлуки за отуѓување на државно градежно земјиште со различна намена на градење. Во изминативе 5 години цената на квадрат државно земјиште што се продавало се движела од 71 до 18.400 денари (од 1,2 до 299 евра) и во постапките за продажба на државно градежно земјиште просечно учествувале по 4 потенцијални купувачи.

Ова, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува дека имало недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште, во кое се открива дека општините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби.

– Истражувањето покажува дека шест од осумте мониторирани општини (Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип), во последните пет години, продале 507.826 квадратни метри градежно земјиште кое било сопственост на државата. Намената на градежното земјиште била за семејно домување, за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, складови, хотелски комплекси. Градежното земјиште во сопственост на државата било продадено на 41 правно лице и на 17 физички лица – се наведува во истражувањето.

Општините Тетово и Чаир во периодот од 2019 до 2023 година не огласиле и не продале ниту една парцела.

Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните 5 години оствариле приход од 20 милиони евра. Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово.

– Општините Струмица, Штип и Куманово од договорни казни наплатиле 16,3 милиони денари, или 265 илјади евра. Кичево и Неготино немаат наплатено казни, а Општина Битола вели дека казни се наплатуваат тековно, но не дава информација колку пари инкасирала од наплатени договорни казни од продажба на државно градежно земјиште – стои во извештајот.

За поголема информираност на локалната јавност, од ЦГК препорачуваат општините, освен што ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште во Службен весник и во најмалку два дневни весника, повиците за продажба на државното градежно земјиште да бидат поставени и на нивните веб-страници, како и во локалните медиуми.

– На овој начин ќе се зголеми информираност на локалната јавност, со цел да се овозможи еднаков третман на сите заинтересирани, да се зголеми конкуренцијата, а со тоа и вредноста на продаденото државно земјиште. Општините на своите веб-страници треба да ги објавуваат и одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата, како и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот – препорачуваат од ЦГК.

Сметаат дека потребно е да се работи врз подобрување на наплатата на договорни казни во случај на неисполнување на договорните обврски од страна на купувачите, како и да се применува правото на еднострано раскинување на договорот во случај кога купувачот на државно земјиште не ги испочитувал условите од склучениот договор.

(С.Бл.)