Државата гори, Владата купува лубриканти

39

Владата преку Бирото за јавни набавки за потребите на Здружението на граѓани Еднаквост за геј и лезбијки-ЕГАЛ Скопје, а за реализација на проект „Програма за заштита на население од ХИВ во Република Македонија 2018“распиша тендер за набавка на 20.000 парчиња на лубриканти.
Огласот за јавната набавка на лубрикантите е распишан во понеделникот и истиот ќе трае до 15 овој месец кога заинтересираните компании имаат право да учествуваат и да поднесуваат документи.
Во огласот во детали е наведено што треба да содржи тендерската документација на фирмите кои ќе аплицираат на огласот и крајниот рок на поднесување на тендерската документација.

Според огласот на бирото за јавни набавки за потребите на ЕГАЛ треба да се набават 20.000 шишиња. Според спецификацијата лубрикантите треба да бидат во течна состојба, но без мирис и вкус.
Вчера се обидовме да стапиме во контакт со здружението ЕГАЛ, кое е формирано и започна со работа во 2004 година.

Бидејќи претседателот на здружението бил на состанок, никој од другите во здружението не сакаша да даде информација за која популација се наменети овие средства кои се предмет на набавка, како ни тоа колку пари се предвидени на набавка на 20.000 шишиња.

Мисијата на ЕГАЛ е да го подобри сексуалнато здравје и културата на живеење на ЛГБТ популацијата, како и да ја намали хомофобијата во Македонија.

Инаку програмата за заштита на геј популацијата е донесена во 2018, од која здружението за заштита на геј и лезбијки има добиено средства за јавната набака на овие лубриканти, е финансирана од Владата и потпишана лично од премиерот Зоран Заев. За оваа програма на заштита од Буџетот се издвоени над 95 милиони денари или 1,5 милиони евра. Годинава е евидентирано енормно зголемување на трошењето за оваа програма која лани се финансирала со 11 милиони денари.

Вчера, откако Бирото за јавни набавки го објави тендерот Владата, преку директорот на Клиниката за инфективни болести и претседател на Националната комисија за ХИВ, Милена Стевановиќ се обиде да ја оправда набавката на лубрикантите.

-Република Македонија има најмал број лица инфицирани со ХИВ, вкупно 390 во моментот, што е резултат на превентивните активности што се преземаат во континуитет. Тоа се должи на успешната реализација на активностите од Програмата за превенција од ХИВ, која постои од 1987 година.

Ова го изјави директорот на Клиниката за инфективни болести и претседател на Националната комисија за ХИВ, Милена Стевановиќ, која рече дека во програмата правилната употреба на кондоми и лубриканти е значаен сегмент од активностите за превенција на ХИВ.

– Едукацијата ја врши здравствен работник и здравствена институција вклучена во Програмата за превенција на ХИВ при Министерството за здравство. Превенцијата од ХИВ е неопходна за секој поединец. Во рамки на користење на кондомот, лубрикантот ја има една од главните улоги во превенцијата на ХИВ инфекцијата. Навременото тестирање може да придонесе за квалитетен живот на секој човек, истакна Стевановиќ.

Додаде дека се набавени лубриканти во мали пакувања за една употреба, залиха на кондоми постои и секој денар домаќински се троши.