Дојран ќе биде полн со туристи за Илинден

802

Илинден традиционално е празникот за чие чествување Дојран привлекува најмалку десетина илјади туристи од кои поголемиот број се од земјава. Годинава по олабавувањето на ковид мерките, повторно ги има и од соседна Србија кои на пропатување кон Грција знаат да се задржат ден – два и во Дојран.

Од локалната самоуправа велат дека Дојран уште во текот на денот почна да се полни со гости кои доаѓаат заедно со месното население да го прослават заштитникот на Дојран, Свети Илија и да се забавуваат на уредените плажи и зелените крајбрежни појаси подготвени за главната туристичка сезона.

По продолжениот Илинденски викенд, дојранчани очекуваат бериќетен август и пристигнување на поголем број туристи затоа што овој месец се смета за шпиц на туристичката сезона, пред се, поради цветањето на алгите во езерото за кои се вели дека имаат многу лековити својства.

Од општината наведуваат дека почнале да се подготвуваат и за успешно организирање на многу културни настани кои во текот на месец август ќе се одржуваат на сцената под јаворите во Стар Дојран.