Дневницата за работа во недела за минимална плата е 1.140 денари, за просечна 2.186 денари, а за празник следуваат 2,5 дневници

Ако знаеме дека синдикалната минимална кошница континуирано расте, цените на основните производи кои се замрзнати до крајот на месецов, исто така растат со забрзано темпо, цена на електричната енергија е зголемена за 9,5 % и на парното за 14%, итна е потребата од зголемување на минималната плата со платата од јануари, поради тоа што доколку истата не се зголеми, во февруари кога ќе треба да се плаќаат сметките кои се драстично зголемени, работниците нема да можат ниту да си ги прехранат своите семејства ниту да ги плаќаат така зголемените цени, е најновото предупредување од ССМ, кој не отстапува од барањето за минимална плата од 18.000 денари од овој месец

2985

Примената на законите со кои недела станува неработен ден за осум проценти од вработените, како и неработните празници од почетокот на годинава треба да ја зголемат јануарската плата на оние кои наместо да одмораат, беа на своите работни места.

Сојузот на синдикатите на Македонија, на чија инцијатива недела стана неработен ден, пресмета дека најниската дневница за работа во недела ќе изнесува 1.140 денари и ќе им се исплатува на оние со минимална плата. За просечна плата која во октомври лани според Државниот завод за статистика изнесува 29.145 денари, за работа во недела треба да се исплатат 2.186 денари. ССМ потсетува дека за работа на празник со Општиот колективен договор се предвидени две ипол дневници.

-Согласно податоците на ДЗС за третиот квартал 2021 година, бројот на вработени изнесува 796.671 лица. Од нив 63.734 лица, односно 8% се вработени кои согласно Законот за работните односи и Законот за трговија би работеле во денот недела. Доколку сите тие работат во ден недела, дневницата за работа во недела на минималната плата од 15.194 денари ќе им изнесува 1.140 денари. Работодавците ќе треба да им исплатат вкупно 72.656. 760 денари на работниците, односно ако ги работат сите четири недели во месецот, ќе треба да им исплатат 290.627.040 денари на работниците, посочуваат од ССМ.

Според нивната математика за работниците со просечна плата од 29.145 денари за работа во недела работодавците треба да исплатат вкупно 139.322.524 денари за една, а 557.290.096 денари за четирите недели во месецот. На овие суми треба да се додадат и придонесите.

-Прашуваме, како ако досега овие средства останувале кај работодавачите поради тоа што работниците им работеа во недела без додаток на плата, тие се на работ на егзистенцијата, а не е работникот, велат од ССМ.

Од Државниот инспекторат за труд ги направија првите контроли на компаниите за почитување на правилата за работа во недела. Исто така, најавија дека во февруари, кога ќе се исплатува јануарската плата ќе проверуваат и дали на вработените кои работеле во недела и на празник им е исплатена законски предвидената дневница.
Сојузот на синдикатите на Македонија не отстапува од своето барање од овој месец минималната плата да се зголеми за околу 3.000 денари и наместо сегашните 15.200 да изнесува 18.000 денари. Тоа би значело дека трошокот за плати на фирмите кои работат во недела и на празници, би бил уште поголем.

Владата на Заев вети вакво зголемување на минималната плата, а пред крајот на минатата година ССМ до Собранието достави предлог на закон според кој таа би изнесувала 60 проценти од просечната, а според неа би растеле и останатите плати. Но, тој предлог сè уште не е на дневен ред.

-Пратениците кои земаат плата за четири до пет пати поголема од минималната, веднаш да седнат во пратеничките клупи и да го поддржат и предложат Законот и да ја зголемат минималната плата на 18.000 денари, бара ССМ и се заканува со генерален штрајк доколку не се реализира.

Инаку, предлогот на ССМ за поголема минимална плата дојде во рацете на пратениците, но ниту една пратеничка група не го предложи за да се најде на дневен ред на Собранието.

-Политичарите и пратениците на македонскиот работник му ја честитаа новата година со зголемени цени за електрична енергија и парно, но не и со зголемување на минималната плата и зголемување на другите плати. Ако знаеме дека синдикалната минимална кошница континуирано расте, цените на основните производи исто така растат со забрзано темпо, па на инсистирање на ССМ тие се ограничени до крајот на овој месец, зголемената цена на електричната енергија за 9,5 % и парното за 14%, итна е потребата од зголемување на минималната плата со платата од јануари 2022 година поради тоа што доколку истата не се зголеми, во февруари кога ќе треба да се плаќаат сметките кои се драстично зголемени, работниците нема да можат ниту да си ги прехранат своите семејства ниту да ги плаќаат така зголемените цени, е најновото предупредување на најголемиот синдикален сојуз во државата кој за ова барање има поддршка од речиси сите останати синдикати.

За да покаже дека нема негативни ефекти од зголемувањето на минималната плата, ССМ заедно со познати професори изработи студија која покажа дека кога таа расте не се отпуштаат вработени, не се намалува профитабилноста, нема други негативни ефекти, туку напротив, фирмите стануваат попродуктивни.

-Очекуваме на средбата која треба да се одржи на 20 јануари во Владата овој проблем да биде надминат, во спротивно работниците бараат да продолжат активностите започнати на протестот на 12.12.2021 година заедно со штрајкувачките одбори за организирање на генерален штрајк, велат од ССМ.

Ова значи дека Вадата и Собранието, за да избегнат штрајк на сите вработени во државата, им остануваат уште помалку од 10 дена од рокот од еден месец што им го даде синдикатот за одговор на барањето за поголема минимална плата, но и за обезбедување К-15 за сите вработени во јавната администрација.

(С.В.)