Дизниленд на македонски начин – За Јура паркот во Ченто уште долго ќе се раскажува

179

Станува збор за скулптури на изумрени праисториски животни во природна големина направени од отпадно железо, кои го привлекуваат вниманието на жителите на Ченто и на случајните минувачи и туристи. Скулптурите се дело на академскиот скулптор Андреј Миневски кој има голема желба во иднина кај нас да се отвори голем Јура парк со повеќе железни скулптури кој би привлекувал туристи од соседните држави, но и од подалеку

Птеродактил, трицератопс и раптор веќе еден месец се населени во паркот во скопската населба Ченто. Станува збор за скулптури на изумрени праисториски животни во природна големина направени од отпадно железо, кои го привлекуваат вниманието на жителите на Ченто и на случајните минувачи и туристи.

Скулптурите се дело на академскиот скулптор Андреј Миневски кој за да креира една ваква фигура му требаат три месеци. Вели дека железото кое за него е богатство го собира од отпади и автосервиси, а во неговата работилница од која излегуваат најразлични уметнички креации, му го носат и пријатели.

Прва креација што ја направил од метал, е трицератопсот. Миневски за Радио Моф вели дека има луѓе кои сакаат да имаат дома некоја слика или скулптура, но ретко се случува да порачаат да им се изработи бидејќи, како што вели, на пазарот има премногу кинески производи што можат да се купат. Вели дека собрал неколку тони материјал кој решил да го претвори во уметност и креациите да ги изложи на отворено.

Оваа негова изложба насловена „Од граѓаните за градот” е дел од програмата на Град Скопје – „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој”, во паркот во Ченто е поставена речиси цел месец и утре ќе биде тргната.

– Граѓаните слабо одат по галерии и изложби. Вака кога директно ќе им ги ставиш под нос, поинаку им е бидејќи се направени од рециклиран материјал. Најинтересни им се на децата, за нив најмногу сакам да работам, вели Миневски.
Тој има голема желба во иднина кај нас да се отвори голем парк со повеќе железни скулптури.

– Сакам да имаме еден голем Јурастик парк кој би бил наш, македонски Дизниленд што би привлекувал туристи од соседните држави, но и од подалеку. Мислам дека многу би доаѓале да го видат паркот бидејќи кога ќе влегувате во него, како да сте отишле на друга планета – вели Миневски.

Ова е негова втора самостојна изложба на скулптури од отпадно железо, а учествувал на повеќе групни изложби и колонии во земјава и надвор од неа.

(С.Бл.) – Фото: Н.Батев