Депонијата кај село Лески ќе се дислоцира, отпадот ќе се фрла во Тупанец

96

Владата мора да си ја реализира својата одлука за дислокација на депонијата во атарот на село Лески, вели градоначалникот на Виница, Миле Петков, по јавниот повик што до него го упатија виничани да најде чаре за овој голем загадувач на животната средина. Депонијата секојдневно расте и гори.

– Минатата недела од Министерството за животна средина и просторно планирање добив одговор на мојот допис до нив, кога ќе се дислоцира депонијата кај сeло Лески. Од Министерството бев информиран дека овој месец ќе се одржи координативен состанок на кој ќе присуствуваат претставници од сите општини од Источниот и Севериосточниот регион во кој ќе се утврдат роковите за спроведување на Одлуката на Влада, во која е наведено дека комуналниот отпад од општина Виница до изградба на Регионалната депонија во општина Свети Николе ќе се отстранува на временската локација м.в. Тупанец во општина Кочани – информира Петков.

Во меѓувреме општина Виница склучи Договор со фирмата ДПТУ Центар Комерц ДООЕЛ од Могила во вредност од 679.980 денари со кој правниот субјект беше обврзан депонијата да ја третира на природен начин, односно истата се третираше со природни алги, на начин што придонесува да се спречи нејзиното палење и согорување.

Инаку, на депонијата постојано се интервенира со нејзино затрупување со земја, а повремено интервенира и ТППЕ Виница.

Чистата животна средина и чистиот воздух немаат цена, затоа нашиот ангажман за овој проблем кој ги тишти жителите на село Лески, градот и цела општина Виница, но и поширокиот регион, е максимален – нагласува Петков.

Со Одлука донесена од Владата на РМ излезена во „Службен весник“ на РМ бр. 184/2021на 6 август 2021 година, во член 2, меѓу наведените постојни локации за отстранување на отпад и дислокации на нестандардизирани депонии е ставена и депонијата во близина на село Лески.

Жителите на општина Кочани постојано реагираат против повеќемесечното испуштање чад од оваа депонија. Тие минатиот месец со петиција и писмен допис до јавноста ги повикуваат локалните власти да преземат соодветни мерки против загадувањето на воздухот што се пренесува и до Кочани.

– Повеќе од половина година депонијата кај Лески е запалена и чади, со што во континуитет ги загадува и населените места во соседните општини. Тоа се случува во период на пандемија, кога граѓаните се борат за здив или се наоѓаат на кислородна поддршка во болниците, а депонијата нѐ труе сите. Го повикуваме новоизбраниот градоначалник на Виница, една од првите работни задачи да му биде решавањето на овој регионален проблем, затоа што чадот не познава општински граници – истакна тогаш Ѓорѓи Лазаров, потписник на петицијата.

(С.Бл.)