Дебар Маало ќе стане пешачка зона за викендите

326

Дебар Маало, кое во последно време стана собиралиште на младите, посебно во вечерните часови, за време на викендите ќе стане пешачка зона. Градоначалникот на oпштина Центар, Саша Богдановиќ, за весникот „Вечер“ изјави дека овој проект ќе се реализира за да се спречи движењето на возилата, бидејќи овој дел е најфреквентен заради големиот број на кафулиња и ресторани стационирани на овој простор.

– Подготвуваме проект за сообраќаен режим со кој сакаме да ја решиме оваа ситуација. За жал, изминативе години, овде воопшто не е менуван сообраќајниот режим. Движењето на возилата ќе биде забрането од петок од 18 часот, до 6 часот наутро во понеделник. Ова нема да важи само за возилата на околните станари, односно за резидентните возила – објасни Богдановиќ.

Сите други возила, освен резидентите, што ќе бидат затече на улиците во Дебар Маало ќе бидат отстранети и санкционирани.

Според него, со сообраќајни режими и инфраструктурни зафати ќе се ослободат и тротоарите и улиците.

– Прво ќе почнеме од главната улица „Орце Николов“, а потоа ќе се премине и на споредните – обелодени Богдановиќ.

Освен во Дебар Маало, во план е на ваков начин да се обезбедат и Парк, па и другите населби.

Богдановиќ информираше дека има низа одлуки кои во врска со тоа треба да се донесат во Градот и во општина Центар.

– Кога ќе биде готов проектот ќе и го претставиме на јавноста за и таа да биде запознаена. Министерството за внатрешни работи треба да одобри проектот. Доколку биде одобрен од МВР во скоро време, тогаш овој проект би се реализирал до крајот на летото – најави Богдановиќ.

(А.П.) Ѕ.П.