Производителите на житни култури во штипско-карбинскиот регион годинава очекуваат побогат род на пченицата за разлика од лани. Гоце Сарафимов, индивидуален земјоделец и потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци, вели дека земјоделците годинава очекуваат да соберат околу четири тони пченица од еден хектар, а лани просекот беше два тона. Забележува дека временските услови во моментов им одат во прилог за подобри приноси.
– Но, за цената ќе видиме каква ќе биде ситуацијата. Во моментов, цената на пченицата е малку падната. Ние очекуваме, ако продолжи вака, да помогне Министерството за земјоделство околу цената. Исто така, некои од земјоделците и од сточарите сакаат да биде забранет извозот на пченица, а, пак, производителите на пченица сакаат обратно, да има извоз на пченица – вели Сарафимов.
Прашан која би била реалната цена на пченицата, Сарафимов вели дека не треба да биде под 20 денари за килограм. – Сега е падната цената на пченицата на 14-15 денари. Меѓутоа, тоа е ниска цена, сè останато се зголеми, репроматеријалите, ѓубривата, нафтата… Есента кога ја сеевме пченицата, цената на нафтата беше 110 денари, рече Сарафимов.
Смета дека годинава жетвата на житните култури ќе почне навреме, но забележува дека се појавуваат некои болести кај пченицата.
– Есента имавме некои болести кај пченицата, и не е добро тоа, бидејќи се користат разни пестициди и сега, во овој период, мораме да ја прскаме бидејќи веќе е голема. Тоа не е добро – вели Сарафимов.
Тој истакна дека земјоделците подолго време бараат и имаат иницијатива да им се дозволи контролирано палење на стрништата, по жетвата на житните култури. Идејата им е да се палат стрништата под надзор.
– Го бараме ова бидејќи сега имаме повеќе штета од болестите отколку претходно, кога се палеа стрништата – додаде Сарафимов.