Есенските и зимските денови во руралните и во земјоделските региони се проследени со темни и густи облаци од чад и дим, кои доаѓаат од запалените земјоделски површини и стрништа, на крајот од земјоделската сезона.
Традиционално кај нас, по обработката на културите на крајот од сезоната, дел од локалните заедници имаат навика да ги палат овие растителни остатоци. Ова се случува, главно, поради три главни причини или верувања: се чистат површините од непотребната растителна маса, се чистат површините од паразити и штетници и се хранат почвите со минерали преку изгорената растителна маса.
– Но, денес овие традиционални практики претставуваат повеќе општа опасност отколку придобивка и се нелегална активност. Оваа пракса има низа негативни последици, кои нашите земјоделски производители не ги знаат или, пак, намерно ги занемаруваат. Со палење на стрништата, доаѓа до долготрајно уништување на земјиштето, особено ако се изведува секоја година. Се убиваат корисните микроорганизми во земјиштето, кои се важни за рамнотежа и создавање хумус. Покрај тоа, огнот од нивата може да се прошири и да предизвика пожар од поголеми размери – потенцираат од НЦП „Брегалница“ – програма за зачувување на природата.
Оттаму, со палењето на земјоделските површини се зголемува загадувањето на воздухот, што води до локални и до регионални промени во квалитетот на воздухот, што, пак, може да влијае врз еколошката карта на целиот регион. Дополнително се зголемува опасноста од шумски пожари, кои може да ги уништат земјоделската инфраструктура, доводите на струја и вода, како и околните градби и опрема.