Во Македонија нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија или Украина. Денарот е стабилен. Простор за загриженост или простор за паника нема, вели гувернерката на Народната банка,  Анита Ангеловска-Бежоска. Потенцира дека шпекулациите, без аргументи и без економски основи, можат да направат огромна штета. Треба да постои ниво на свест дека со ширење на лажни вести им се нанесува штета на граѓаните. Особено во време на вакви глобални турбуленции треба да видиме како сите заедно можеме да ја надминеме со минимум последици, а не да креираме штета таму каде што реално нема. Вели дека нема позначајни промени во трендовите на повлекување средства од банките, и тие се генерално во согласност со нормалните текови. Напротив, податоците покажуваат дека продолжува трендот на кумулативно зголемување на депозитите во домашните банки

Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА 

Што значи исклучување на Русија од SWIFT системот и дали тоа има влијание врз нашиот финансиски и банкарски систем? Има ли банки со руски и украински капитал во Македонија?

-SWIFT (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunications) е безбедна меѓународна електронска платформа – систем за испраќање на пораки, кој ги информира корисниците за тоа кога некоја порака за пренос на средства е испратена и кога е пристигната. Ова овозможува значително побрз начин за пренос на средства. Наједноставно кажано, Swift е платформа која овозможува ефикасен и сигурен начин на извршување на меѓународни плаќања. Таа постои од 1973 година и има околу 11.000 банки и други финансиски институции-членки во својот систем. Системот е под надзор на Националната банка на Белгија, во партнерство со големите централни банки низ светот – вклучувајќи ги Федералните резерви на САД и Банката на Англија.

Руските банки кои ќе бидат исклучени од SWIFT, нема да можат да ја користат платформата, а со тоа нивните трансакции ќе бидат отежнати, што би можело да повлече и дополнителни трошоци. Сепак, тоа не значи дека овие банки ќе бидат исклучени од вршењето на платен промет. Постојат и други вакви платформи, со тоа што немаат толкав број на банки како SWIFT, меѓу кои и Русија самата има развиено ваква платформа „Мир“.

Исклучувањето на дел од руските банки од SWIFT не очекуваме дека позначително ќе се одрази врз нашата економија, поради фактот што трговијата со Русија изнесува околу 1% од нашата вкупна трговија, исто така важен факт е што не се исклучени сите руски банки, како и тоа дека има алтернативни платформи за платен промет со странство кои можат да се користат. Што се однесува до домашниот банкарски ситем нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија или Украина, со што, од овој аспект, не постои изложеност на ризик и можност за влијание врз стабилноста на банкарскиот систем. Инаку, стабилноста на банкарскиот систем е на највисоко ниво, што е забележано и во извештаите на меѓународните финансиски институции.

Дали има простор за загриженост на наши граѓани и фирми за нивни депозити во македoнските банки?

-Како што посочив, нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија или Украина. Денарот е стабилен. Простор за загриженост или простор за паника нема.

Во оваа прилика би сакала да се осврнам на шпекулациите, без аргументи и без економски основи. Треба да постои ниво на свест, дека со ширење на лажни вести се нанесува штета на граѓаните. Особено во време на вакви глобални турбуленции, треба да видиме како сите заедно можеме да ја надминеме со минимум последици, а не да креираме штета таму каде што реално нема.

Колку е стабилен курсот на денарот во оваа ситуација и дали Македонија располага со доволно количество на девизни резерви?

– Денарот е стабилен. Ние имаме фиксен курс на денарот, врзан за еврото. Оттаму од исклучителна важност за одржување на курсот се девизните резерви. Девизните резерви со кои располагаме се околу 3,4 милијарди евра, односно се на високо ниво и се во целост конзистентни со нашите очекувања. Ова ниво е повисоко во однос на нивото на девизни резерви кое го имавме пред пандемијата, а за споредба, во 2008 година, кога исто така ја одржавме стабилноста на денарот и покрај глобалната финансиска криза, нивото на девизни резерви беше два пати пониско. Во својот извештај од редовната мисија во нашата земја, ММФ јасно посочува дека курсот е целосно конзистентен, и со економските параметри и со проекциите и со политиките кои ги водиме, односно дека низ годините тој бил сидро на стабилноста на нашата економија. Апсолутно нема никаква потреба од промена на нивото на курсот – девизниот курс останува стабилен.

Дали деновиве има зголемен интерес за повлекување на парите на граѓаните од банките?

Нема позначајни промени во трендовите на повлекување средства од банките, и тие се генерално во согласност со нормалните текови. Впрочем, податоците покажуваат дека продолжува трендот на кумулативно зголемување на депозитите во домашните банки и во текот на февруари. Анализите на неделните промени на депозитите на домаќинства во просек упатуваат на поповолни движења во последната недела од февруари (заклучно со 27 февруари) во однос на претходната недела од месецот. Така, во просек во последната недела, депозитите на домаќинствата се зголемени за по околу 230 милиони денари дневно или околу 1,6 милијарди за целата недела. На месечна основа, пак, депозитите на домаќинства пораснале за околу 2 милијарди денари.