Италија и Грција ги ублажија епидемиолошките мерки воведени поради коронавирусот, враќајќи ги во нормала животот на нивните жители и патници пред шпицот на летната туристичка сезона.
Грчката влада го укина барањето за за прикажување на сертификати за вакцинација или прележан Ковид-19 за пристап во затворен јавен простор, барем до 31 август, но маските остануваат.
Така, и вакцинираните и невакцинираните можат слободно да влегуваат во ресторани, забавни и трговски центри. Воедно, сите тие места од 1 мај работат со сто проценти од нивниот капацитет. Сепак, грчкото Министерство за здравство и членовите на Комитетот на експерти (Кризен штаб) ги повикуваат граѓаните да посветат максимално внимание бидејќи пандемијата не е завршена, иако стивна, сепак може да доведе до нов бран на епидемија во текот на летото.
Во Грција е укинато редовното самотестирање на учениците и наставниците, но останува брзиот тест за невакцинираните наставници и студенти, како и за невакцинираните работници. Задолжителната употреба на маски сепак останува во затворен простор во Грција барем до крајот на мај, надвор не е задолжително да се користат маските, но таму каде што има гужва се препорачува хронично болните и други загрозени граѓани да носат маски.
Врз основа на одлуките на Владата, грчката управа за цивилно воздухопловство објави дека ќе ги укине сите ограничувања за борба против коронавирусот за меѓународни и домашни летови, освен за употреба на маски за време на летовите и на аеродромите. Покрај тоа, патниците повеќе не мора да покажуваат доказ за вакцинација, негативен тест или потврда за прележана болест.
Во Италија, Министерството за здравство објави дека ја укинува здравствената пропусница што беше потребна за влез во ресторани, кина, спортски сали и други јавни места. Сепак, сè уште е потребна здравствена пропусница, која што содржи доказ за вакцинација, потврда за прележан вирус или негативен тест за пристап до болниците и домовите за стари лица.
Укината е и обврската за носење маски во супермаркетите, работните места и продавниците, но останува обврската во јавниот превоз, кината и сите здравствени и установи за стари лица.
Посетителите на Италија од 1 мај повеќе не мора да го пополнуваат онлајн формуларот за лоцирање на патници во ЕУ, формуларот што се бара при пријавувањето на аеродромот. И во Италија, службениците за јавно здравје повикаа на претпазливост и нагласија дека пандемијата сè уште не е завршена.
Италија има пријавено 699 нови инфекции со коронавирус и повеќе од 100 смртни случаи, а Грција 4.701 нов случај на инфекција и смрт на уште 22 лица од ковид (вкупно 29.175 за време на епидемијата).