Грците му оддаваат последна почит на Микис Теодоракис

44

Со цвеќе во рака, под специјални мерки за заштита од Ковид-19, илјадници граѓани веќе трет ден во црква во центарот на Атина се збогуваат и му оддаваат последна почит на грчкиот композитор Микис Теодоракис, кој во четвртокот почина на 96-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

Телото на Теодоракис од понеделникот е изложено во малата црква веднаш до Соборниот храм во центарот на Атина.

Изнесувањето на ковчегот, непосредно пред комеморацијата, од насобраните граѓани беше проследено со аплаузи и извици „Бесмртен“, но и со потпевнување на неговите песни.

Ниту дождот не ги растера насобраните граѓани кои останаа пред Соборниот храм, додека внатре се одржуваше комеморација на која присуствуваше државниот врв и лидери и претставници на партии.

Меѓу присутните беа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, лидерката на Движење на промена Фофи Генимата, генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас, итн.

– Со почит и емоции, во име на сите Грци, се збогувам со Микис Теодоракис. Секогаш ќе биде тука, цвет засаден во зрелата меморија на сите нас, истакна Сакеларопулу во нејзиното обраќање.

Теодоракис ќе биде погребан утре, во градот Ханија на грчкиот остров Крит, што беше и негова желба, а ќе се изврши со судска одлука, откако претходно семејството најави дека погребот ќе биде во близина на Коринт.