ГРАЃАНИТЕ СЕ ПОШЕГУВАА НА ЧИСТИОТ ВОЗДУХ: Ветерот ги оддува отровите – фала Шилегов, фала Макрадули!

1

Шеговити коментари осамнаа на социјалните мрежи откако главниот град вчера блесна по мноштвото денови кога беше потонат во сивило и загаден воздух. Многумина изјавија дека денот го искористиле за проветрување на становите и работните простории кои со денови беа запечатени поради отровниот воздух кој уриваше рекорди. И додека скопјани поитаа надвор да подишат чист воздух, здравствените власти апелираат да не се излегува поради можни компликации по здравјето.

Каков прекрасен ден, фала Шилегов, фала Макрадули и останатите, Господ здравје да ви даде… ова е само еден од шегобијните коментари на социјалните мрежи откако Скопје вчера блесна по мноштвото денови кога беше потонат во сивило и загаден воздух.

Некои искоментираа дека Скопје од утрото поинаку им личи, како во ХД-резолуција.

– Не ми се веруваше кога станав и го видов ова чудо – напиша Делфина Митропетроу.

Многумина изјавија дека денот го искористиле за проветрување на становите и работните простории кои со денови беа запечатени поради отровниот воздух кој уриваше рекорди.

– Сите на тераса, дур трае… за чудо. Викам ко Индијанци сме, се молиме на ветер, дожд… еве ветер – напиша Ели Пешева.
Мимоза Петревска, пак, искоментира “Фала му на Бога што ги развеа чадовите. На следните избори ќе гласам за него”, на што и реплицираа со зборовите “Џабе, нема да се кандидира, е*и ветровци има многу”.

И додека скопјани поитаа надвор да подишат чист воздух, здравствените власти апелираат да не се излегува поради можни компликации.

– Во последно време белите дробови се навикнати да дишат ПМ2.5 и ПМ10 честички. Чистиот водух може да им дојде како шок по што можат да настанат непосакувани компликации по здравјето и животот на пациентот – велат пулмолозите.

(С.Бл.)