Трошоците за живот се зголемиле за 16,8 отсто за една година, а цените на мало пораснале за дури 14,2 отсто. Најголемо поскапување има кај храната, од речиси 26 отсто, на врвот од листата со најголем пораст на цената е зејтинот со 50 отсто, лебот за една година поскапел за дури 44 отсто, млекото, јајцата, сирењето за 27 отсто, месото за 23 отсто, а сериозен раст има и кај овошјето и кај зеленчукот. Цените на производите не престануваат да растат, а во услови кога платите стагнираат, граѓаните наоѓаат спас во поевтините маркети и во производите на акција. Одамна веќе не ги интересира дали производот е од Казахстан, Киргистан, Пакистан… – само да е евтин
Купувањето производи на акција, пазарувањето онаму каде што е поевтино, им стана навика на граѓаните во време на висока инфлација. Велат дека ги промениле навиките и дека кога им требаат одредени производи, ги купуваат само кога се на акција.
– Откако сè поскапи, почнав да одам од маркет до маркет за да видам каде и што е поевтино. Платите ни се мали, па мора да внимаваме на секој денар инаку нема да може да го истераме месецот. Така сега, кога има акции, купувам повеќе производи, а преку недела го купувам она што ми е неопходно: леб, млеко, јогурт – вели една муштерика во маркет.
Бидејќи се соочуваме со поскапување, граѓаните велат дека се крајно внимателни со парите. Водат едвиденција каде и колку трошат и оти некои производи може да си ги дозволат само кога се на акција.
– Секоја недела ги земам флаерите на маркетите од поштенските сандачиња и детално ги разгледувам за да видам каде има акција на сирење, кашкавал, месо, прашок за перење… или кога има 1+1 гратис. Секако, внимавам да не им е поминат рокот инаку не ме интересира од каде е производот. Перам и готвам на евтина струја, а и дома почнав да ги гаснам светилките и да го вклучувам бојлерот само во недела – вели една скопјанка.
Граѓаните велат дека кога купуваат во маркет, ја гледаат само цената, не ги интересира дали е домашно, увозно, од Казахстан, Киргистан, Пакистан… Ова го потврдуваат и во маркетите. Велат дека тоа што е евтино, веднаш се троши и граѓаните воопшто не ги интересира од каде е производот и дали е поквалитетен од оној што претходно го купувале.
Државната статистика измери нов рекорд – трошоците на живот биле за 16,8 отсто поголеми во август годинава во споредба со истиот месец лани. Најголемо поскапување има кај храната, од речиси 26 отсто. Цената на маслото за јадење пораснала за 50 отсто, а лебот се продава за дури 44 отсто поскапо. Следуваат млекото, јајцата, сирењето, кои поскапеле за 27 отсто, месото за 23 отсто, а сериозен раст има и кај овошјето и кај зеленчукот.
Комуналиите, односно трошоците за домување, за една година пораснале за над 17 отсто, а транспортот за речиси 19 отсто.
Економистите предупредуваат дека Владата треба веднаш да ги ограничи цените на основните производи, по примерот на другите земји, во спротивно инфлацијата ќе надмине 20 отсто, што ќе биде погубно за сите.
Дека нè очекува тежок период, веќе потврдија и меѓународните финансиски институции, кои досега неколку пати алармираа дека цените ќе одат нагоре, а сиромаштијата сè повеќе ќе се продлабочува.
(А.С.)