Која ќе биде новата цена на струјата што потрошувачите ќе ја плаќаат во Новата година одлучува неделава Регулаторната комисија за енергетика, каде што се прават последните калкулации, а потоа официјално ќе биде соопштена конечната одлука. Енергетските компании побараа раст на цената за 27 отсто, но првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во неколку наврати кажа дека промената на цената нема да им донесе ценовни шокови на потрошувачите. Граѓаните во моментов најмногу ги загрижува новата ставка, што се однесува за надомест за пренос и дистрибуција. Неа ќе ја плаќаат сите – без разлика дали трошат струја или не. ЕВН информира дека е при крај со сетирањето на броилата за евтина тарифа.
Македонските граѓани се во исчекување дали од 1 јануари ќе им се зголемат сметките за електрична енергија, а тоа директно ќе удри по семејниот буџет. Но која ќе биде новата цена на струјата што потрошувачите ќе ја плаќаат во Новата година одлучува неделава Регулаторната комисија за енергетика, каде што се прават последните калкулации, а потоа официјално ќе биде соопштена конечната одлука. Истовремено од комисијата ќе кажат и колкав ќе биде надоместокот за пренос и дистрибуција на електрична енергија.
Енергетските компании побараа раст на цената за 27 отсто, но првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во неколку наврати кажа дека промената на цената нема да донесе ценовни шокови за потрошувачите. За корекција на цената веќе се изјаснија енергетските компании коишто побараа цената да се зголеми. Неофицијално се говори дека за МЕПСО се очекува да има раст од 13,68 проценти, за ЕСМ – 13, 37 проценти и за МЕМО -35,9 проценти.
-Цените на струјата секогаш се актуелни, во изминатиот период повторно бевме соочени со разноразни црни сценарија, колку ќе значи поскапувањето, што ќе значи. Ние ги привршуваме цените во однос на делот за мрежарините, за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Понатаму откако ќе ги усвоиме, универзалниот снабдувач треба да ги достави. Недела да ја информираме јавноста. Секогаш имаме креативни решенија, нема да има никаков ценовен шок, сè ќе биде во рамките на тоа што може да се очекува, вели Бислимоски.
Граѓаните во моментов најмногу ги загрижува новата ставка, што се однесува за надомест за пренос и дистрибуција. Неа ќе ја плаќаат сите – без разлика дали трошат струја или не. Сумата за неа би се движела од 50 до 250 денари. Оваа ставка и досега беше дел од структурата на сметката и интегрирана во тарифите за енергија, но сега се издвојува посебно. Надлежните уверуваат дека таа нема да влијае на крајната сметка за потрошувачите.
ЕСМ веќе одлучи, по Нова година на ЕВН ХОУМ да ја продава својата струја по цена од 57 евра за мегават-час или за 7, 5% поскапо од претходно. Сите овие параметри влегуваат во крајната цена на електричната енергија.
Идната година треба да се одлучи и кој ќе биде нов снабдувач на струја на домаќинствата и малите потрошувачи од јуни в година. Јавниот оглас завршува на 12 јануари, а сите заинтересирани треба да ги достават потребните документите. Дали ќе остане ЕВН ХОУМ или ќе биде некој друг, ќе зависи од тоа кој ќе понуди најниска маржа која сега изнесува 11 отсто.
За ноември сметките за струја кај поголем број домаќинства драстично се зголемија. Тоа се должи на зимскиот период во кој голем број семејства се греат на струја, па порасна нивниот број кои влегоа во поскапиот трети блок. Така според податоците на ЕВН, во ноември во блоковите 1 и 2 имало 690 .000 корисници, што е околу 10 илјади помалку, кои поради поголемата потрошувачка преминале во 3 блок.
ЕВН информира дека е при крај со сетирањето на броилата за евтина тарифа.
-Корисниците на кои минатиот пат први им се укинала евтината тарифа, сега тие први добиваат од новата дневна евтина тарифа. Ниту еден корисник нема да биде оштетен. До крајот на месецот сите броила ќе бидат сетирани, освен тие кои се недостапни како: броила во затворени објекти, викендички и слично – посочуваат од ЕВН.
Како што посочуваат од ЕВН, компанијата поседува 170.000 далечински броила и 630.000 обични дигитални броила за кои е потребно време физички и со присуство на лице место да се сетираат. Евтина тарифа домаќинствата сега добиваат и преку ден и тоа два часа во текот на денот, од 13 до 15 часот.
(В.Ма.)