Актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити, е во очајна форма, но најпосле запиша три бода на своето конто. Тимот на Пеп Гвардиола загуби четири првенствени натпревари во низа, а загуби и од Тотенхем во Карабао купот и од Спортинг во Лигата на шампионите.
Во неделата Ливерпул одигра феноменален натпревар во лигата и сосема заслужено оствари сигурна победа против Манчестер Сити, но три дена подоцна, „граѓаните“ ја искористија предноста на домашниот терен и со убедливи 3:0 ја добија првенствената пресметка против екипата на Нотингем Форест.
Во финишот од натпреварот на „Енфилд“ трофејниот шпански стручњак имаше вербален конфликт со најверните фанови на Ливерпул кои му пееја дека ќе добие отказ следното утро.
Сепак, на таквите провокации Гвардиола одговори со стил. Пеп им покажа шест прсти и ги потцети навивачите на Ливерпул колку титули има освоено Сити во последните седум години.
„Не го очекував тоа на „Енфилд. Не го очекував тоа од луѓето на Ливерпул, но тоа е во ред. Тоа е дел од играта и јас го разбирам тоа. Имавме одлични борби. Имам голема почит кон нив. Сите стадиони сакаат да си заминам. Започна со Брајтон на 9 ноември“, изјави Гвардиола.
Веднаш по дуелот на „Енфилд“ популарните „граѓани“ дознаа дека противник во третото коло од ФА Купот, ќе им биде четвртолигашот Салфорд Сити.
Таа информација ја искористи легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Гери Невил кој додаде сол на раната.
„Ќе биде отпуштен наутро“, напиша Невил, означувајќи го Салфорд во својата објава.
Не е тајна дека Манчестер Сити игра многу лошо во последно време и заостанува дури 9 бода зад лидерот во Премиершип, тимот на Ливерпул, кој пак освои само еден бод на гостувањето во Њукасл.