ВО 12 КАТЕГОРИИ: Филмот “Фаворитката” со најмногу номинации за Бафта

12

Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА) ги објави номинациите за нејзините престижни награди кои се пандан на Оскарот. Трката ја предводи филмот “Фаворитката” (The Favourite) на грчкиот режисер Јоргос Лантимос со 12 номинации, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм, најдобар британски филм, најдобар режисер, најдобро водечка актерка( отелотворена од Оливија Колман) и најдобрите споредни актерки (Рејчел Вајс и Ема Стоун).

На листата доминираат и филмовите “Ѕвездата е родена”, “Првиот човек на Месечината”, “Боемска рапсодија” и “Рома” со седум номинации. Шест освои “Потпретседател” во кој Кристијан Бејл го отелотворува поранешниот американски потпретседател Дик Чејни.

Филмот “Црниот член на Кју Клукс Клан” од режисерот Спајк Ли доби пет номинации, додека четири имаат “Студената војна” и “Зелената книга”. “Враќањето на Мери Поппинс”, “Марија Кралица на Шкотите” и “Стен и Олио” имаат три номинации.

Церемонијата за БАФТА наградите ќе се одржи на 10 февруари во Лондон.