„Секогаш зборувам дека авторска одлука е како ќе ги димензионира нештата, а ова е токму една таква растеглива поставка која треба да најде врска и релација со просторот. Тематски, пак, со изложбата се открива тој мој интерес кон космичките состојби и интеракции, каде јас ги откривам законите на природата“, вели за весникот “ВЕЧЕР“ уметникот Антони Мазневски, кој темелно ги истражува можностите на разните ликовни дисциплини: сликарство, скулптура, објект, цртеж, инсталација…

 

Темата – космичка, поставеноста на објектите во корелација со просторот… Новиот уметнички проект на еминентниот македонски уметник и професор Антони Мазневски поставен во Чифте амам, го привлече вниманието на јавноста со својот извонреден ликовен ракопис и поставеноста. Насловот на изложбата, која ќе може да се види до 6 ноември, „Како што е“, пак е мото според кое, вели Мазневски, тој размислува и го гради своето дело…

„Секогаш ми било поважно како работите се изрекуваат, а не што се изрекува. Затоа насловот ‘Како што е’ е некоја моја творечка рамка. Во случајов, се работи за една повеќегодишна, поточно седумгодишна продукција, една акумулација, корпус на слики и објекти. Тоа се слики изведени во техника конец и објекти изработени од други материјали. Секогаш зборувам дека авторска одлука е како ќе ги димензионира нештата, а ова е токму една таква растеглива поставка која треба да најде врска и релација со просторот. Тематски, пак, со изложбата се открива тој мој интерес кон космичките состојби и интеракции, каде јас ги откривам законите на природата“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ уметникот Антони Мазневски. Сите тие загадочни концептуални проникнувања, се водилката низ творештвото на овој уметник кој секогаш наново ја изненадува својата публика.

Делата пак, вели авторот, иако создавани пред пандемијата, сепак ги претставува во моментите кога се соочуваме со некои нови времиња.

„Конкретно не можам да ја врзам изложбата со пандемијата, иако на некој начин се реализира и експонира во овие рестриктивни, отуѓени времиња. Ова се дела создадени пред да се соочиме со ова ново време, но на некој начин може да кажеме дека го навестуваат. Сепак, делата се визионерски и тие како да навестуваат едно интимизирање, некои нови социјални релации. Всушност, изложбата допира различни теми, во зависност од тоа како ќе ги восприемате делата“, посочува Мазневски. Според него, овие состојби за уметноста и уметникот сепак не се примарни, бидејќи како што вели, сè се виртуелизира.

“И во иднина работите ќе се виртуелизираат, состојбите ќе се документираат и афирмираат дигитално, но моите дела се однесуваат на тактилност и оптика, па и мојата интимна желба и потреба е тие да се доживеат физички со сите сетила. Таква е мојата уметност. Секоја моја изложба е потреба за комуникација, а со оглед на приликите од таа моја потреба за воспоставување на комуникација со светот, секако ќе се изроди и можност за претставување пред пошироката светска јавност. Доколку тоа се случи, јас секогаш сум на нозе“, додава уметникот.

Самата изложба која ги воодушевува љубителите на уметноста ги предочува неговите истражувања и усовршувања во полето на ликовната естетика, филозофската мисла, занаетските квалификации.

Оваа уметност на Мазневски повикува на разговор, на интеракција… и размислување… во овие, нови времиња. (Д.Т.)