Во центарот на Париз ограбена луксузна златарница, штетата е милионска

196

Во луксузната златарница Булгари, на познатата Плошта Вендом во Париз, денеска се случил вооружен грабеж, а штетата се проценува на неколку милиони евра, информираат од полицијата и од француското државно правобранителство.

Според првичните информации, тројца разбојници на два мотоцикли се појавиле пред златарницата околу 13 часот и 45 минути, изјави полициски извор. Двајца од нив носеле оружје со долги цевки и го удриле човекот од обезбедувањето, додаде тој.
Штетата се уште се утврдува, а се проценува на неколку милиони евра, изјави за AFP извор близок до истрагата. На снимката објавена на социјалните мрежи, а која можеби е поврзана со грабежот, се гледаат два големи црни мотоцикли паркирани на тротоарот пред златарницата. Човек во црно, со кацига и вооружен, стои на стража. Потоа сите тројца бегаат со мотори, покажува снимката.

Златарницата на Булгари беше цел на вооружен грабеж и во септември 2021 година, а тогаш штетата беше проценета на 10 милиони евра. Тогаш полицијата ранила еден од тројцата разбојници во ногата и го привела. Против него е поднесена кривична пријава и е ставен во притвор. Во јуни 2022 година, другите двајца ограбувачи беа фатени и обвинети. Тие се и во притвор додека ја чекаат пресудата.