Во Скопје утрово автобуски превоз сепак има

924
Фото: Фејсбук ЈСП

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово во 6.30 часот сепак излегоа од двете авто бази во Автокоманда и Ѓорче Петров и редовно сообраќаат.

Како што објасни Африм Муча, од Независниот синдикат на возачи во ЈСП, автобусите не возеле од 4.30 до 6.30 часот кога им било јавено од директорот дека денеска до 13 часот ќе им биде исплатена јануарската плата.

– Надминати се надоразбирањата околу личниот доход и вработените денес ќе ја добијат јануарската плата – истакна Муча.

Тој додаде дека им било кажано оти причината за доцнењето на платите бил некаков проблем во трезорот, но каков не им било објаснето.

Во интерес на нашите корисници на услуги, ќе ја сервисираме нашата обрска кон нив редовно, со сите автобуси предвидени за јавен градски превоз, изјави утрово за МИА Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП „Скопје“.

Тој нагласи дека јавниот градски превоз ќе функционира нормално.

Стојановски не сакаше да коментира за тоа која е причината за доцнењето на платите.

-Се шират разни гласини. Не е мое тоа да го коментирам. Можеби е трансфер направен кон други доверители. Битно е дека ќе има плати и се надевам дека тоа повеќе нема да се случи – изјави за ВЕЧЕР Стојановски.