Во Скопје се снимаат урбаните сцени од филмот „Врба”

8

Во центарот на Скопје вечерва падна пороен дожд – произведен вештачки за сцена од новиот игран филм „Врба” на Милчо Манчевски, во која актерот Петар Мирчевски „филмски” повреден во сообраќајка беше ставен во амбулантно возило.
-Можам да кажам само дека ми е ладно, рече Мирчевски накиснат од млазот под кој ја снимаше сцената на улица зад ТЦ „Буњаковец”. Во филмот тој го игра ликот на Ставре Дувниветровски. Рече дека ова му е петти филм на Манчевски во кој има улога. – Толку тој има и снимено во Македонија. Ако не му е срам, во следните нека не играм, се пошегува Мирчевски откако некој од екипата рече дека се тандем како Скорсезе и Де Ниро.
Во Скопје деновиве се снима современиот, урбан дел од филмот-диптих, откако заврши снимањето на делот од 17 век, кој од октомври се работеше во Мариово, Преспа и Трескавец. Режисерот Манчевски на паузата од сетот за медиумите изјави дека штотуку се вратил од 17 век каде што, рече, си поминал многу убаво со ликовите Донка и Милан.

На прашањето зошто избрал чисто љубовна приказна, одговори дека тоа е приказна која посакала да биде раскажана и дека често приказните сами го избираат него, а не тој нив.
-Иако никогаш не постои ниту само историски, ниту само љубовен или само политички филм. Ако е добар филмот или ако е добар романот, тогаш тие се секогаш повеќе работи во исто време. Секогаш се покомплексни и раскажуваат за различни работи во исто време. Ова е измислена приказна, односно две приказни, диптих, кои се пресликуваат, се надополнуваат и се во контраст една со друга. Приказната долго време ја имам, а почна да се дефинира пред четири-пет години. Спремна беше да се работи лани и догодина е планирана за во кино, рече Манчевски, кој е автор на сценариото на филмот.
Додаде дека сега бил моментот за снимање зашто приказната созреала односно, како што рече, му се склопиле коцките, другите креативци и финансиите потребни за да се направи филм. Агенцијата за филм го поддржа со 1,2 милиони евра овој негов преокт кој е во продукција на „Банана-филм”.

-Претходниот филм го работев во Њујорк затоа што таа приказна таму требаше да се случи, а и затоа што тука не можев да дојдам во ситуација да работам филм. Бев на црна листа, рече Манчевски, кој по осум години (по филмот „Мајки”) повторно работи во Македонија.
Она што преостанува од снимањето на „Врба” ќе биде во Скопје и треба да заврши во првата недела од декември. Монтажата на филмот ќе заврши во средината на 2019 година. Во однос на музиката во филмот, режисерот рече дека тој дел сè уште не е додефиниран и дека сега се фокусирани да се сними тоа што треба, а монтажата и музиката ќе бидат во постпродукцијата.

Младата Наталија Теодосиева е втор ден на снимањето од нејзиниот дел –  современиот, од ова време и во Скопје. Го игра ликот на Родна која, како што рече, е од типично македонско семејство и се вљубува во многу искрен човек со кого планира семејство.

-Голем предизвик е да се игра во филм на голем режисер и со супер екипа, изјави Теодосиева, која досега има филмско искуство и, рече, чувствува возбуда и позитивна трема.

За младиот Никола Ристески, пак, ова е прв филмски проект. Тој заврши со сниимањето на својот дел – првиот од приказната во средниот век, во кој го игра ликот на Милан.

-Чест е да се работи со ваков режисер и ваква екипа. Тука запознав многу прекрасни луѓе со кои сакам да продолжам да работам и мислам дека ќе останам другар со нив. Завршив со снимањето на мојот дел, а би снимал уште. Беше прекрасно, истакна Ристески.
Покрај нив, во актерската екипа на шестиот долгометражен игран филм на Манчевски се и: Сара Климоска, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ. Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.