Претседателот на техничката Влада Оливер Спасовски заедно со владина делегација, синоќа присуствуваше на свеченоста по повод празникот Сретение Господово и Денот на државноста на Република Србија организирана од граѓанските организации на српската заедница во Македонија.
Во рамки на манифестацијата која се одржа во Националната установа „Македонски народен театар“ беше организирана богата културно-уметничка програма, на која спектакуларен настап имаше и танцовата група Уна Сага Сербика.
Поздравувајќи ги присутните претставници на српската заедница од земјата и гостите од Република Србија, премиерот Спасовски упати најсрдечни честитки по повод празникот посакувајќи искрени желби за просперитетна иднина на двете земји и успешно продолжување на традиционално добрососедските односи и додаде:
„Со чувство на посебна почестеност ја прифатив поканата да се обратам на овој свечен настан по повод празникот Сретение Господово, кој, воедно, е и празник на државноста на Република Србија.
Настанот на кој присуствуваме вечерва се организира и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија и во оваа прилика ги поздравувам и колегите од Владата. Ние сме две блиски и пријателски земји. Немаме отворени прашања. Заеднички сме посветени на унапредување на нашата и на регионалната соработка.
Заеднички работиме и си помагаме на забрзување на интеграцијата во Европската Унија на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно, истакна Спасовски.
Нашиот заеднички придонес во одбележувањето на празникот Сретение Господово и денот на државноста на Република Србија, е дел од нашата заложба за континуиран жив и силен интерес за одржување и унапредување на односите меѓу нашите две земји. Силна алка, на тие односи меѓу Северна Македонија и Србија, е заедницата на Србите во нашата земја и заедницата на Македонците во Србија.
Од презентацијата на српската духовна и црковна хорска музика, преку делата на познатите српски книжевници, до настапот на групата за современи танци „Уна Сага Сербика“, која инспирацијата ја наоѓа во фолклорот на својата земја, како и во фолклорните традиции на другите земји на Балканот. Да живеат нашите две земји и нашите два народи!“, рече меѓу другото премиерот Спасовски во обраќањето.