Во МКЦ: Изложба на архитектонски проекти од меѓународни конкурси

16

Пет архитектонски проекти пријавени на меѓународни конкурси во Скопје, Варна и Загреб, работени во периодот меѓу 2013 и 2018 година, ќе бидат претставени на изложбата „Бесконечна соба“ која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Младинскиот културен центар.

Проектите се работени од тимови составени од осум млади автори: Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Нина Карангелеска, Марија Димитриевска, Силвија Шалева, Стефан Тодоровски, Биљана Смилеска и Никола Кунгуловски.

Архитектонската поставка, како што соопшти организаторот, ја симулира силната врска помеѓу архитектот и местото на создавање, актуализирајќи ги прашањата за неговата улога во општеството, а појдовна точка при конципирањето на изложбата е собата како симбол на бесконечната творечката слобода.

– Петте проекти нудат наши размисли за можните начини на делување во преостанатите празнини во еден современ град. Собата претставува тежиште на креативна енергија на авторите и креативен вакуум низ кој се испреплетуваат петте проекти. Творејќи во овој простор авторите ја омекнуваат границата помеѓу архитектонската мечта и неизбежното секојдневие. Интимната врска меѓу авторот и собата претставува прибежиште, место на инспирација, поттик за систематичност, дисциплина и љубопитно истражување, соопшти МКЦ во најавата на изложбата.