Цените на храната никогаш веќе нема да се врати на ниво од пред две години. Компаниите од прехранбената индустрија не им даваат лажна надеж на граѓаните дека цената на храната драстично ќе се намали. Оттаму велат дека некои производи се веќе намалени како резултат на субвенциите за поевтина струја, но граѓаните да не очекуваат некое позначително намалување. На граѓаните треба да им биде јасно дека во Македонија веќе нема да има леб од 20 денари. Дополнително намалување на цените на прехранбените производи, како што велат, може да има само ако се намалат цените на суровините на светските берзи, како и останатите трошоци за производство.
-Уште кога се донесе мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија ние кажавме дека цените може да се намалат од 5 до 10 отсто. Некои производители веќе ја намалија цената на лебот за 2 до 5 денари, а дополнително намалување може да има кога цената на пченицата, пченката… на светските берзи и во регионот ќе падне. Ние лани ја купувавме пченицата најскапо по 20 денари за килограм, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Според него, во Македонија лебот веќе никогаш нема да биде 20 денари. Граѓаните да не очекуваат дека цената на храната ќе падне на ниво од пред две години кога немаше толку висока инфлација и кога суровините беа многу поевтини.
И од месната индустрија велат дека позначителни поевтинувања на производите од оваа индустрија нема да има. Месни преработки во просек поевтиниле за 8 отсто и оти ова бил максимумот. Трошоците за суровини и работна рака биле превисоки, па натамошни намалувања на цените засега не биле можни.
Месната индустрија во скоро време нема да ја дочека ниту мерката за укинување на царински давачки за увоз на замрзнато свинско месо. Од Владата добиле негативен одговор на ова барање на месната индустрија. Причината била тоа што во буџетот едноставно немало пари за оваа намена.
Наспроти нив, надлежните сметаат дека простор за поевтинување сè уште постои. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се разгледуваат сите опции за основните производи дополнително да поевтинат, меѓу нив и за замрзнување на цените. Засега ограничувањето на маржите давало резултати. Вели никогаш не ветиле дека цените ќе се вратат на нивоата пред една година, туку на оние од пред неколку месеци.
-Ние никогаш не сме кажале дека ќе се вратиме на цените од пред една или две години. Сме кажале дека ќе има намалување на цените од септември – октомври од 7 до 12, 13 отсто на одредени производи, како што веќе го има кај некои. Правиме различни мерки за да им излеземе во пресрет на компаниите за да ги намалат цените. Не зборуваме за увозни производи, туку само за домашните, рече Бектеши.
Цените на дел од прехранбените производи минимално се намалија во декември, но, сепак, тоа е далеку од ветеното намалување од 10 отсто. Граѓаните сè уште не почувствувале дека има некаков пад на цените, а инфлацијата и понатаму е двоцифрена. И прогнозите на економските експерти не се воопшто оптимистички според нив, високата инфлација ќе продолжи и во 2023 година.
– Не верувам дека цените ќе престанат да растат и дека инфлацијата ќе запре. Не може да се остварат ветувањата, особено кога некој ветува за некој друг. Владата не може да се меша во слободната пазарна економија. Таа треба да овозможи само подобра бизнис-состојба, а не да одредува цени. Може директно да влијае врз цените на храната само во случај на вонредна состојба – пандемија, војна… – изјави за ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Кога преку субвенции ја поевтини струјата за прехранбените компании, Владата најави поевтинувања за 5 до 12 отсто. Ефектите засега се минимални. Има некои поевтинувања, кои се далеку од ветувањата.
(А.С.)