ВО КУМАНОВСКО РАНКОВЦЕ: Пронајдена авионска бомба од 100 килограми, од Втората светска војна

240

Пиротехничар од ПОЗС – Куманово пронајде неексплодирана авионска бомба, која тежи околу 100 килограми, во кумановско Ранковце. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека авионската бомба е од Втората светска војна и е однесена на безбедно.

Територијата на Македонија е местото каде што се одвивале силни борби на завојуваните страни во Првата и во Втората светска војна и затоа често пати, на различни локации, пиротехничарите на ДЗС пронаоѓаат неексплодирани убиствени средства, како авионски и рачни бомби, тенковски мини.

Лани во ноември, во реонот на Битола беа пронајдени 837 рачни бомби, два дена подоцна, на 13 ноември, на патот Извор – Дебар беа пронајдени четири авионски бомби СБ германско производство, кои се уништени на самото место, при што се преземени сите безбедносни мерки за нивно ништење. Веќе следниот ден, во селото Плетвар биле пронајдени две тенковски школски мини. Во тој период се интервенираше и во Гевгелија, Дојран, Ресен, каде што беа пронајдени девет неексплодирани убојни средства.

Во ноември 2020 година, при градежни активности за реконструкција на фудбалскиот стадион „Под Тумбе кафе“, беа пронајдени повеќе од 7 илјади парчиња артилериски гранати останати од Првата светска војна, со калибар од 75 милиметри, со голема убиствена моќ.