Во Велес формиран Градски камерен оркестар „Ангел Шурев“

93

Општина Велес доби Градски гудачки камерен оркестар „Ангел Шурев“ чија промоција се случи на свечената академија по повод празнувањето на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј што се одржа во салата „Бели Мугри“ во градот.

Настапот на оркестарот составен од 16 членови – професори по пијано, кларинет, виолина и виолончело и талентирани студенти на Музичката академија, средношколци и основци, ги воодушевија присутните на настанот и изнудија долг и силен аплауз.

Професорот по пијано Илија Настовски од ОМУ „Стефан Гајдов“, кој учел и диригирање кај познатите диригенти Јануш Пшибилски од Полска и Алгис Заборав од Литванија, ја доби можноста да застане на чело и раководи со оркестарот. Тој за МИА појаснува дека иницијативата да се формира односно возобнови стариот Градски дувачки оркестар на Општина Велес била на Општината и на градоначалникот Аце Коцевски.

-Но, поради немањето можност да се возобнови Градскиот дувачки оркестар, јас им предложив Градски гудачки камерен оркестар и со големо залагање на сите нас кои се вклучивме во него и на професорите по музика го формиравме и заедно со сите членови работевме напорно и ги вежбавме композициите околу два месеца. По промотивната изведба и силните аплаузи од публиката сега сме многу среќни и задоволни од постигнатото. Тоа ни дава сила и мотивација да продолжиме понатаму со уште поголеми успеси, најави Настовски.

Појасни дека целта на формирањето на Градскиот камерен оркестар, за кој планира да се надополни со нови членови и репертоар, е кај населението да се врати некогашната култура за слушање класична музика, која во минатато била популарна токму преку работата на овие градски оркестри.

Тој потенцира дека не случајно оркестарот го носи името на Ангел Шурев, кој е роден 1934 година токму во Велес, а починал 2004 во Белград и се смета за еден од најголемите македонски диригенти и пошироко во некогашните југословенски простори.

Шурев основно музичко училиште завршил во родниот Велес, каде ги добил првите знаења за музиката и музицирањето. Дипломирал на Музичката академија во Белград, а се усовршувал во Италија во римската академија „Санта Чечилија“. Диригентската кариера ја започнал во Операта на МНТ (1956–1960). Најголем дел од својата дејност ја поминал во Белград, во Белградската опера (1960-1967), како уметнички раководител и диригент на уметничките ансамбли на Домот на ЈНА (1967–1977), а од 1977 до 1998 година како диригент и директор на Белградската филхармонија. Како диригент настапувал во повеќе земји низ Европа, Азија и Америка, изведувајќи оперски, балетски и симфониски дела од својот богат и разновиден репертоар, со посебно пропагирање на југословенското и македонското творештво. Реализирал голем број снимки на електронските медиуми.

-Ние со гордост ќе го носиме неговото име и сакаме со успех да ја продолжиме неговата културна мисија, потенцира Илија Настовски.

На програмата на првиот настап беа композиции кои првпат се изведени на македонската сцена – „Магијата на Обливион“ од Астор Пјацола во изведба на солистот Трајче Малинов на саксафон, од Вивалди „Концертот за четири пијана и оркестар“ со солистите на пијано Светлана Ташева, Габриела Бачманова, Јованче Банев и Илија Настовски и „Клерменс данс“ од Север Никифор.