Најстар урбанистички план има општина Битола, донесен во 1999 година, кој во меѓувреме претрпел 8 измени, но сè уште не е донесен нов. Но, и покрај тоа, во Битола сè уште се гради според тој урбанистички план, иако законска обврска е да се менува на секои 10 години.

По Битола, Кичево е следната општина, чијшто ГУП е стар 24 години, потоа Струмица (22 години), Тетово (21 година), а општина Куманово од пред 20 години.

– Генералниот урбанистички план на Општина Чаир е всушност оној на Град Скопје, кој е исто така со истечен рок на важност од 2012 до 2022 година – велат од Центарот за граѓански комуникации, кој спроведе истражување во осум општини и открива дека општините немаат ни доволно кадар во одделенијата за урбанизам, а инспекцискиот надзор е слаб што доведува до голем број дивоградби и неправилно управување со градежното земјиште.

Во пет општини, пак, за 5 години се донесени многу детални урбанистички планови и направени се многу нивни измени. Истражувањето покажало и дека три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или на правни лица.

– Тоа значи дека е воспоставена пракса-планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор – велат оттаму.

Истражувањето покажало дека секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините, во определени случаи, може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден воедначен третман на барателите.

До општините во периодот 2018 – 2022 година се доставени 5.637 барања за градба, од кои одобрени се вкупно 3.750, а одбиени или повлечени 1.887 барања. Најголем број одобрени барања имаат општините Тетово (1.073 одобренија за градба) и Битола (651 одобрение за градба), а по нив следуваат Куманово (591), Кичево (515), Струмица (413), Неготино (232), Штип (156) и Чаир (119).

Воочени се проблеми и во легализацијата на бесправни објекти.

– Барањата за легализација на нелегално изградените објекти. доставени во 2018 година, се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата – се потенцира во извештајот.

Вкупниот број на поднесени барања за легализација на објекти во осумте општини, според добиените податоци од нив, изнесува 13.338. Барањата за легализација на објектите се добиени во 2018 година, но и покрај тоа се далеку побројни од барањата за одобренија за градба добиени во петгодишниот период. Најголем број барања за легализација има во Тетово, Куманово и во Чаир.

Според истражувачите, бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор.

– Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба – велат тие.