Војната во Украина и одмрзнатите цени ги празнат рафтовите во маркетите

Граѓаните се исплашени од војната во Украина и од најавата на производителите за раст на цените по нивното одмрзнување. И покрај тоа што власите смируваат дека имаме доволно стоковни резерви и оти одлуката за ограничување на маржите нема да предизвика нов ценовен шок, сепак, граѓаните се плашат да не останат без леб и брашно. Во продавниците се повторува сценариото од пред речиси две години, кога почна пандемијата. Помалите маркети речиси и да се празни, а во поголемите има поголем избор, но ги нема оние производи што се со најниски цени

6786

Војната во Украина и одлуката за одмрзнување на цените на храната од 1 март ги наполнија маркетите. Граѓаните почнаа панично да ги празнат рафтовите во маркетите како пред короната и да прават залихи на храна. Најмногу се купува брашно, зејтин, ориз, грав, замрзната и конзервирана храна, велат трговците. Граѓаните се исплашени од војната во Украина и од најавата на производителите за раст на цените по нивното одмрзнување. И покрај тоа што власите смируваат дека имаме доволно стоковни резерви и оти одлуката за ограничување на маржите нема да предизвика нов ценовен шок, сепак, граѓаните се плашат да не останат без леб и брашно.

Во продавниците се повторува сценариото од пред речиси две години, кога почна пандемијата. Помалите маркети речиси и да се празни, а во поголемите има поголем избор, но ги нема оние производи што се со најниски цени.

-Повторно се случува истото како на почетокот од пандемијата. Се купува масло за јадење по цел пакет, брашно од големите пакувања од по 5 килограми, по 20 пакувања макарони, цели пакети со конзерви од готова и полуготова храна, по десетина пакувања замрзнат зеленчук и овошје… – велат трговците.

Од маркетите велат дека купувањето храна особено е зголемено откако почна војната во Украина. Од пред два три дена, забележуваме дека многу повеќе се купува брашно од порано. Залихите веќе ги потрошивме, па нарачавме уште брашно – велат трговците.

Сепак, граѓаните се исплашени и од новите цени кои ги очекуваат од 1 март, а кои, како што најавија производителите, ќе бидат повисоки за 20 до 30 отсто.

– Неминовно е зголемување на цените, а за колку, зависи од калкулациите на самите компании. Тие не можат да произведуваат и да продаваат по цени што ќе им носат загуби, бидејќи цените на сите влезни инпути се зголемени. Новата мерка за ограничување на маржите треба да ги сузбие нереалните покачувања на пазарот. Всушност, кај овие производи кои се опфатени со новата мерка, како и кај производите кои претходно беа замрзнати, нема нереални покачувања. Но, други производители ги качуваат цените кои, реално, не би требало толку да бидат покачени. Така на пример, нереално е цената на течниот детергент да се зголеми за 60 отсто – изјави за ВЕЧЕР Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Освен тоа, поради војната во Украина, на берзите, цената на пченицата, пченката, сојата се на највисоко ниво во последните 10 години. Сепак, од бизнисот смируваат дека македонските граѓани не треба да се плашат дека ќе останат без брашно, бидејќи Македонија го надоместува недостигот од пченица и од брашно со увоз од Србија и од Бугарија, од каде што веќе најавија дека имаат доволно пченица.

Доколку дојде до некое нарушување на цените поради состојбата во Украина, на располагање се стоковните резерви, кои, како што тврдат надлежните, во моментот се полни и нема место за паника.

И министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека државата е подготвена за поддршка на економијата и за помош на граѓаните, првенствено на најранливите категории граѓани.

– Не треба да шириме ниту песимизам ниту оптимизам, туку да бидеме реални и да преземаме активности согласно со ситуацијата. Со таква стратегија дејствувавме и за време на пандемијата, кога донесовме шест пакети антикризни мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството. Во насока на заштита на стандардот на граѓаните, веќе се преземени соодветни мерки, преку утврдување лимит за маржата на дел од основните производи. Исто така, државата го намали и ДДВ-то на електричната енергија за и на тој начин да се намалат трошоците што ги имаат граѓаните за струјата. Стоковните резерви се на соодветно ниво, буџетот е ликвиден и имаме средства да реагираме доколку има потреба. Имаме и инструменти да ги ставиме на располагање за приспособување во услови на поголеми нарушувања на пазарите – вели министерот за финансии, Бесими.

Од вторник ќе се ограничат маржите во трговијата на големо и на мало на лебот, шеќерот, солта, брашното, суровото сончогледово масло, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, свежото месо, сувомесните производи, сирењето, урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и зеленчукот.

Сепак, и покрај преземените мерки од Владата, растот на цените сериозно го загрозува животниот стандард на граѓаните и ја намалува нивната куповна моќ. За само една година, цените на мало се зголемени за над 7 отсто, додека, пак, трошоците за живот се зголемени за над 6 отсто.

Во меѓувреме, светските цени на храната се движат на највисоко ниво во последната деценија. Поскапеа пченицата, пченката, сојата, млечните производи… Сите три клучни состојки за храна и за добиточна храна се зголемија за околу 40 отсто во однос на 2021 година, поттикнати од опаѓањето на производството и на силната побарувачка. (А.С.)

Дечки, Киев го гранатираат, не Скопје. Ќе преживеете!

Откако ја воведоа недела како неработен ден, вработените во маркетите секоја сабота имаат полни раце работа од почеток до крај на работното време. Од некои од маркетите велат дека преку цел ден има реки купувачи и дека постојано им дистрибуираат стока од магацините.

Недела неработен ден почна да се применува од 1 јануари годинава и оттогаш секоја сабота е иста слика, се набавуваат продукти и производи за два дена. Но, она што се случуваше саботава што помина е екстремно празнење на рафтовите во маркетите.

Драган Симоновски сподели на Фејсбук фотографии на кои се гледа дека во маркетите „Кам“, „Стокомак“ и „Зур“ во Ѓорче Петров, во саботата, останаа речиси полупразни рафтови. Брашно, шеќер, сол, тестенини, масло за јадење немаше на полиците.

– Дечки, ОК е, Киев го гранатираат, не Скопје. Ќе преживеете – напиша Симоновски на Фејсбук.

Веројатно, слична е состојбата и во маркетите во останатите населби во градот. (С.Бл.)