Внатрешноста на пештерата Врело осквернета – Браво, што убаво сте направиле, алал да ви е!       

988

На социјалните мрежи осамна фотографија од која се гледа дека пештерата Врело, која се наоѓа во кањонот Матка, е осквернета со тоа што некој или некои оставиле повеќе отпечатоци од дланки на камењата во внатрешноста.

Ова на социјалните мрежи го сподели Гордана Јанакиевска, туризмолог, која реагираше и го осуди ваквиот чин.

– Браво бе, што убаво сте направиле во Врело, алал да ви е!… Во нормална држава, по ова следува забрана за користење приватно присвоена пештера и играње играчки со неа. Матка е споменик на природата, а пештерата Врело сè уште е активна во нејзиниот природен развој, нешто што во најблиско време ќе стане обична дупка. Уште еднаш браво! – напиша Јанакиевска на својата фејсбук-страница.

Таа претпоставува дека ова го направиле оние што возат чамци и носат туристи во пештерата бидејќи,  како што вели, само тие имале клуч.

Од Општина Сарај, на чија територија се наоѓаат кањонот Матка и пештерата Врело, велат дека не се запознаени со случајот, но додаваат дека тие не менаџираат со овој споменик на природата.

– Сепак, ќе се погрижиме и ќе испратиме луѓе од Инспекторатот на терен за да ја проверат состојбата, за потоа да пријавиме до надлежните институции. Сепак, теренот е проблематичен и со кајче треба да се појде дотаму – одговорија од Општина Сарај и додадоа дека штом ќе имаат информации од терен, јавно ќе ги споделат.

(А.П.)