ВЕЧЕР РЕПОРТАЖА ОД ЕДНО ОД НАЈУБАВИТЕ МИЈАЧКИ СЕЛА: Во прегратките на Стогово, Гари му пркоси на времето

836

Десетина километри од Бошков Мост до Гари води асфалтен пат, оној за кичевски Извор преку Јама, се до клучката каде мора да свртите десно и со погледот ќе почнете да го барате едно од најубавите села во Западна Македонија, во пазувите на Стогово, во подножјето каде со векови живееле и опстојувале Мијаците. А токму за овие племиња, кои од памтивек ги населувале овие простори и науката вели дека се чистокрвни Македонци, потомци на Александар и Филип. За добронамерниците, за сите оние кои и во суровата зима ќе решат да дојдат и да го посетат ова село на Стогово, кое од пред десетина години пулсира и живее во модерното време развивајќи го селскиот туризам, вратите се секогаш ширум отворени.


Ако сте тргнале на пат за да донесете мир, спокојство и блаженство во душата, појдете во Гари, за многумина едно од најубавите мијачки села на Стогово. Не дека помалку привлечни се и Селце, Росоки, Тресонче, Лазарополе во пазувите на Бистра, потоа Ехловец, Могорче и другите села од левата и од десната страна на Мала Река, во која се мешаат водите на Терсонечка и Гарска Река пред да се влеат во Радика.

За да тргнете на патувањето од кое ќе се вратите пресреќни и преполни со енергија не треба многу. Од патот по реканските села, веднаш штом ќе стасате до Бошков Мост, свртете налево. По патот за Кичево преку Јама, само стотина метри откако ќе го промените курсот, на брегот од левата страна на Мала Река, погледот ќе ви го запре преубава градба – Елен Скок, мост на кој уште од турско му се восхитува народот. Градба која ги поврзува селата на Стогово и Бистра, а за чие настанување постојат многу легенди.

Една од нив раскажува за турскиот паша кој тргнал на лов по елени. Сакајќи да улови еден од посилните и поубавите, пашата го ранил еленот, а ова прекрасно диво животно оставено во безизлез, меѓу пушките на пашините ловџии и карпите, собрал сила и го направил невозможното – ја прескокнал Мала Река и се спасил на планината Бистра. Пашата трогнат од храброста на еленот и неговата волја за живот и слобода, наредил во негова чест на местото каде еленот го направил велелепниот скок, да се изгради мост.

Бесконечната тишина и спокојството кое плени, ги нарушува само бучавата на Мала Река. Убавина од која не се бега. Десетина километри од Бошков Мост до Гари води асфалтен пат, оној за кичевски Извор преку Јама, се до клучката каде мора да свртите десно и со погледот ќе почнете да го барате едно од најубавите села во Западна Македонија, во пазувите на Стогово, во подножјето каде со векови живееле и опстојувале Мијаците. А токму за овие племиња, кои од памтивек ги населувале овие простори и науката вели дека се чистокрвни Македонци, потомци на Александар и Филип.

Предците не оставиле многу податоци за потеклото и настанувањето на селото. Неколкуте преданија говорат дека во 14 век во месноста Присој за прв пат се населиле жителите на сегашно Гари. Таму бргу се топел снегот, сонцето силно печело и од таму лесно можеле да комуницираат со Мијаците од другите племиња. Во турско, лоцирано на патот Дебар – Кичево, Гари често било на удар на башибозуците, а на оваа локација имало и малку вода за пиење. Затоа, гарчани ја напуштиле оваа локација и се населиле во месноста Дрениче.

За тоа како Гари е распослано на сегашната локација има неколку преданија. Едното говори дека иконата на свети Спас неколку пати одлетувала од некогашната црква и долетувала на местото каде сега се наоѓа селото и каде во 1857 година била изградена сегашната црква посветена на Пресвета Богородица. За жителите во тоа време, летањето на иконата било знак каде треба да се преселат. Некои и ден-денес, пренесувајќи го преданието се убедени дека умен човек од тоа време направил добра процена дека тогашната местополжба на Гари не е добра за живеење и дека тој неколку вечери по ред ја носел иконата на местото каде сега се наоѓа селото, се со цел да ги убеди селаните дека и Господ сака таму да живеат. И не згрешил.

Свиено во пазувите на планината Стогово како орлово гнездо, векови наназад Гари му пркоси на времето.

И за името на селото говорат легендите. Зошто само тие и до ден-денешен се пренесуваат од дедо на татко, од татко на син. И новите електронски генерации веруваат во нив, не дека со еден клик во универзумот не умеат да најдат факти, туку само затоа што од најмали остануваат верни на аманетот оставен од нивните предци да не го заборават селото, потеклото, корените.

Од памтивек за Гари се прераскажувало дека е село во густа висока шума свиено во пазувите на Стогово. Настојувајќи да направат убав простор за живеење, селаните ги палеле и гореле шумите околу селото. Правеле угари, а со години заборавајќи ја буквата “у” во изговорањето на оваа именка, си го добиле и името на селото. Другата легенда говори дека селото од година во година станувало се поголемо, а сакајќи да го озаконат атарот, Јанкула и Јован пошле кај султанот во Цариград, но везирот не ги пуштил кај него.

Летнало времето, снемале пари и храна, паднале во безизлез. Тогаш некој умен човек ги подучил да купат рогузина, да се завиткаат во неа, да ја попрскаат со газија и да ја запалат. Решиле и тоа го сториле во петок, ден кога султанот минувал низ плоштадот. Јанкула ја запалил рогузината во која бил Јован, а луѓе и полиција се стрчале да видат што гори. Дошол и султанот. Прашал зошто гори тој човек, а Јанкула рекол дека ќе му каже само нему. Ги примил наредниот ден и тие се му раскажале. Тогаш султанот дал наредба да им се дадат тапии за атарот. Човек гори – Јован горел во рогузината, а селото по тој настан го добило името Гари.

Пред шеесетина години, силниот бран на миграција ги згаснал сите рекански села. Замрел и животот во Гари. Десетина години подоцна, гарчани се вратиле на старите огништа, во трошните куќи на роднините, кај бабите, кај дедовците. И сега вложуваат во иднината зошто и поколенијата тоа го бараат од нив. Се реновираат старите куќи, се градат нови, модерни. Пискаат зурлите, татнат тапаните за селската слава Голема Богородица, за Водици. Верба за живот и развој во пазувите на Стогово има.

Од 380 куќи колку што село Гари броело пред стотина години, сега има стотина. Од рана пролет до доцна есен овде се живее со отворени гради, но, во текот на зимата остануваат само неколкумина да му пркосат на снегот кој овде знае да наврне и по два метра. За добронамерниците, за сите оние кои и во суровата зима ќе решат да дојдат и да го посетат ова село на Стогово, кое од пред десетина години пулсира и живее во модерното време развивајќи го селскиот туризам, вратите се секогаш ширум отворени.

Една народна мудрост вели дека за да знаеш на која порта и во зимо да чукнеш и дали има некој да ти отвори, види дали и во која куќа чади оџакот. Во Гари во текот на зимата, малку се куќите чии оџаци чадат. Малкумина остануваат да и пркосат на дивината. На прсти се бројат оние кои и во најсуровите месеци, овде, во пазувите на Стогово, на надморска висина од околу 1.000 метри, во Гари остануваат да му пркосат на снегот и мразот. Ете, тие, по народната ,, Колку сме, толку сме, токму сме,, ширум ќе ви го отворат срцето и портите од домот.

Добредојдовте во Гари.           (В.А.)