“ВЕЧЕР” знаеше дека нема подобар од Модриќ

2

Звучи неверојатно, но најпосле се најде маж кој стави крај на 10-годишната доминација на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кога е во прашање најпрестижната индивидуална награда во фудбалскиот свет, “Златната топка” на Франс Фудбал.

Со освоени најмногу гласови, за најдобар фудбалер во 2018 година беше прогласен репрезентативецот на Хрватска и стандарден првотимец во дресот на актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), Лука Модриќ.

Одличниот играч за врска е само четвртиот играч по Боби Робсон, Јохан Кројф и Паоло Роси, кој успеал во една година да го освои трофејот за најдобар играч на Светското првенство во Русија и да биде крунисан за најдобар фудбалер на денешницата, а пред неколку месеци беше прогласен за најдобар фудбалер според УЕФА и ФИФА.

– Ова е единствено чувство. Мило ми е и горд сум. Сега е тешко да ги опишам моите емоции, но сакам да им се заблагодарам на сите што ми дозволија да бидам тука. Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи и тренери, на Реал и на хрватскиот тим, сите што гласаа за мене, како и моето семејство. Мојата сопруга и децата кои ми се радуваат и ми помагаат да постигнам успех во сите аспекти. Ова е неверојатно чувство и големо задоволство да бидам тука кај сите овие играчи. Се уште се обидувам да сфатам дека станав дел од група извонредни фудбалери. Освојувањето титула значи дека оваа година навистина постигнав нешто посебно на теренот. 2018 беше моја година, изјави Модриќ.

Португалскиот интернационалец Кристијано Роналдо заврши на втората позиција, а по него следуваа Антоан Гризман, Килијан Мбапе, Лионел Меси, Мохамед Салах, Рафаел Варан…

Фудбалерката на Лион и репрезентацијата на Норвешка, Ада Хегерберг стана првиот сопственик на „Златната топка“ намената за жени. Весникот „Франс Фудбал“ одлучи од оваа година покрај мажите и жените да учествуваат во изборот за најдобри во годината што изминува. Освен женската „Златна топка“ организаторот оваа година го воведе и Копа Трофи – награда намената за најдобар млад фудбалер на годината (за играчи до 21 година). Прв сопственик на овој трофеј е напаѓачот на ПСЖ и францускиот национален тим Килијан Мбапе.

Дневниот весник “ВЕЧЕР” и оваа година ја имаше таа чест да биде единствениот медиум од Македонија кој има право да гласа за најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет. Како и изминатите неколку години, таа и во 2018 година, “ВЕЧЕР” знаеше кој играч ја заслужува “Златната топка” и со право му додели најголем број на гласови.