Веселин Вујовиќ останува на кормилото на Словенија

16

Иако ракометарите на Словенија не успеаја да се пласираат на СП 2019, сепак челниците на федерацијата немаат намера да го променат селекторот по овој голем неуспех. Веселин Вујовиќ е решен да си замине од Копер и по се изгледа ќе го преземе кормилото на Висла во Полска, но Словенците се цврсто решени да ја продолжат соработката со овој одличен ракометен стручњак.

Вујовиќ останува селектор, тоа е сигурно. Во моментов сме разочарани, но гледаме напред – ќе се вратиме уште посилни, изјави претседателот на Ракометната федерација на Словенија, Фрањо Бобинац.

Словенија битката во баражот ја загуби на првиот меч во Копер, каде неочекувано беше поразена од Унгарија со 29:24, па на реванш натпреварот триумфаа во Веспрем од четири гола разлика, недоволни за да се стигне до мундијалска виза.