Вероник повторно го минира трансферот на Рабио

16

Омразениот и разгалениот син и неговата уште повеќе омразена мајка, кој е и негов агент, се најголеми ѕвезди за време на зимскиот преоден рок. Адриен Рабио и неговата мајка Вероник, ќе ги напуштат редовите на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, затоа што 23-годишниот играч за врска на крајот од актуелната сезона ќе има статус на слободен играч.

Откако се искараа со челниците на матичниот клуб, каде на Рабио му е забранет и влезот во клупската соблекувална, пеколното дуо ја одби понудата на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, со образложение дека на Рабио му е под честа да игра за таков клуб, и ја прифати понудата на каталонскиот гигант Барселона. Сепак, последните информации кои пристигнуваат од Париз говорат дека трансферот е под знак прашалник поради нереалните побарувања на играчот.

Барса на Рабио му понуди годишна плата од 10 мил. евра, а неговата мајка побара 15 мил. евра. Сепак, двете страни постигнаа договор околу 5-годишниот договор вреден 50 мил. евра. Французинот треба да добие уште 10 мил. евра откако ќе го потпише понудениот договор.

Пред неколку дена, најугледните спортски весници во Шпанија и Франција ја пласираа информацијата дека трансферот на Рабио во Барса е под знак прашалник поради неговата мајка. Вероник побарала во договорот да има и клаузула според кој нејзиниот син нема да игра на позицијата “6”, односно како последен играч за врска.

Нормално, таквото барање експресно било одбиено од челниците на каталонскиот гигант кои ја потсетиле Вероник дека нејзиниот син веќе игра како дефанзивен играч за врска во ПСЖ.

Пред неколку години, кога италијанскиот интернационалец Тиаго Мота беше во финишот од својата кариера и не можеше да одигра квалитетно во сите 90 минути, се почесто шанса добиваше Рабио. И покрај желбата на неговата мајка, Рабио како замена на Мота мораше да игра на позицијата последен играч за врска и одлично за завршуваше секоја дадена задача од тренерот.