Велика Британија вечерва, за неколку часа, ќе ја напушти Европската унија со мешавина од радост, лутина и рамнодушност, заминувајќи во непознато во еден од најголемите удари досега во обидите на Европа да направи единство од урнатините на Втората светска војна, пренесуваат британските медиуми.
Од полноќ Европската унија ќе загуби 15 отсто до својата економија, својот најголем воен потрошувач и престолнина на меѓународниот финански капитал-Лондон.
Велика Британија, пак, мора да почне да го трасира курсот за следните генерации.
Знамето на Европската унија вечерва беше отстрането од постојаната мисија на Велика Британија во Брисел.
Малку подоцна, британското знаме ќе биде отстрането и од пред зградите на Европскиот совет и Европскиот парламент во Брисел.
Во 23 часот денеска по Гринич, Велика Британија ја напушта ЕУ по 47 години членство.
Унијата ќе остане со 27 члена. Ова е првпат членка на ЕУ да ја напушти заедницата од нејзиното создавање.
Британскиот премиер Борис Џонсон планира излегувањето од ЕУ да го прослави со англиско пенливо вино и британски канапеи, вклучувајќи ги и шропширското сино сирење и јоркширскиот пудинг со говедско и рен.
-Ова е момент кога се буди зората и се крева завесата на новиот чин, рече Џонсон, еден од лидерите на кампањата за напуштање на ЕУ на референудмот во 2016 година.
„Ова е момент на вистинската национална обнова и промена”, истакна тој.
Најмоќната европска лидерка, канцеларката Ангела Меркел изјави дека Брегзит претставува „пресвртница” за ЕУ, но дека Германија сака да остане британски партнер и пријател.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вечерва ќе се обрати на телевизија за да го одбележи овој „тажен и историски ден”.
Вашингтон, меѓутоа, соопшти дека Британците сакаа да побегнат од „тиранијата” на Брисел.