– Ме удри силно во главата. Не видов од каде долета, зашто сè се случи во секунда и зад мојот грб. Само почувствував силен удар во главата одзади, како со камен и ми потече крв, ми се стемни пред очи, додека да успеам да видам дека долета огромна птица на дрвото пред зградата.
Вака една скопјанка го опиша настанот кој ѝ се случил викендов, во центарот на Скопје, пред зградата на булеварот „Климент Охридски“ спроти „Рамстор Мол“. Таа се обрати до нашата Редакција, опишувајќи го случајот со цел да алармира, пред сè, до граѓаните да внимаваат, но и до надлежните да преземат нешто, да ги заштитат луѓето од ваквите напади на овие големи птици.
Вели дека во разговор со луѓето што живеат и работат тука, во продавниците лоцирани под зградите, дознала дека веќе неколку дена, токму на ова место биле нападнати и други луѓе.
-Ми кажаа дека се сведоци на повеќе напади од чавки во изминативе денови. На истото место, нападнаа една жена со мало дете. Ја удри, исто така, во главата, но и на челото и целата раскрварена во лицето, побара помош во аптеката што се наоѓа во близина на зградата. А, можеше и детето да настрада. Сепак, ударот е многу силен, тие птици се големи и тешки, вели нашата соговорничка.
Вработените во продавниците во близна на аптеката каде што се случуваат овие немили настани, велат дека деновиве се сведоци на оваа појава и дека дневно по неколку луѓе се „жртви“ на овие напади од чавки.
-Секој ден ја гледаме истата слика и раскрвавени луѓе. И моето дете пред два дена беше нападнато на истото место. Два дена имаше главоболки од ударот, вели вработена во продавницата во близина на зградата и додава дека, веројатно, има некое гнездо со младенчиња во близина.
Оваа појава не е непозната, кога се младенчиња во прашање, чавките инстинктивно напаѓаат. Експертите велат дека кога младенчињата на чавките ги напуштаат гнездата, а тоа е обично овој период, крајот на мај, почетокот на јуни, нивните мајки неретко напаѓаат луѓе –случајни минувачи. Ударот е силен и болен, а доколку се отвори рана, нападнатото лице треба веднаш да се јави на лекар. Во потешки случаи, се дава антитетанусна терапија, а во полесни случаи, раната треба веднаш да се исчисти и да дезинфицира со јод и со алкохол. (В.М.Б.)