Бујар за фризурата: Имам многу вешт бербер

22

Веќе неколку месеци наназад во медиумите и на социјалните мрежи е актуелна веста дека вицепремиерот Бујар Османи најверојатно бил на пресадување на коса, естетски зафат кој што станува се популарен кај нас.

Фотографии од заменик – претседателот на Владата, од типот пред и потоа, каде се прават споредби со неговата постара фризура и со сегашната редовно можат да се видат на социјалните мрежи. И додека едни тврдат дека Османи пресадил коса, други дека носи надградба или пак перика, „Фокус” реши да ја открие „мистеријата” и лично поразговара со вицепремиерот на темата.

-Не станува збор за пресадување на коса, иако кога би имал можност, би сакал – се смее вицепремиерот. Открива дека промената се должи единствено на новиот бербер и бил презадоволен од неговата работа.

-Имам нов бербер, од Скопје е, задоволен сум од тоа како ми ја средува косата. Станува збор за едноставна работа, единствено косата ми е пуштена подолго, значи потпорасната. Немам комплекси за косата, само новиот бербер се докажа како многу вешт – раскажува Османи за Фокус.