Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признаат правото на самоопределување на Македонците, кои живеат во Бугарија, во рамките на уставното уредување на земјата. Тој истакна дека не може да се бара признавање на македонското малцинство во Бугарија, бидејќи бугарскиот устав не дозволува колективно право на самоопределување, за разлика од македонскиот Устав. Но за внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, а ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто против. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, истакнува дека и покрај притисоците за уставни измени, нема да попуштат, како што вели, во одбрана на државните интереси.
Изјавата на премиерот Ковачевски доаѓа по извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент објавен деновиве, во кој во делот за Бугарија се наведува дека земјата и понатаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци и покрај бројните пресуди на ЕСЧП. Тој упати повик до бугарските власти да ги почитуваат сите права, исто како што и кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници.
„Знаете дека постојат и пресуди на судот за човекови права кои Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа ги повикувам бугарските власти согласно со одлуките на судот и да постапат согласно со европските правни норми за заштита на малцинските права, бидејќи станува збор за земја членка на ЕУ и тие граѓани кои се граѓани на Бугарија и се самоупределуваат како Македонци во исто време се и граѓани на Европската Унија, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија е земја членка на Европската Унија. И затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права исто како што и кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец кој се определува различно од Македонците или од другите кои се дел од нашето општество“, истакна денеска премиерот Ковачевски.
Во однос на тоа дали ќе побара признавање на македонското малцинство во Бугарија, премиерот одржа кратко предавање, истакнувајќи дека постојат две различни уставни уредувања од апсект на малцинските права.
„Постојат генерално две уставни уредувања од аспект на малцинските права. Едното е каде што индивидуалното право на самоопределување се остварува колективно, таков устав имаме ние, каде што заедниците можат да бидат дел од уставното уредување. Таков устав има и Хрватска, каде што припадници на 24 народи се дел од хрватскиот устав. Меѓутоа има држави каде што уставното уредување предвидува дека индивидуалното право на самоопределување се остварува индивидуално. Таков устав има Бугарија, меѓутоа и Франција, што значи дека таму постои индивидуално право на самоопределување кое се остварува согласно со законите кои произлегуваат од такво уставно уредување и затоа јас многу внимателно кажувам дека има граѓани во Бугарија кои се самопределуваат како Македонци и ним им припаѓаат правата кои согласно нивното уредување, согласно европските норми и правила треба да им биде овозможено да ги остварат исто како што и на секој граѓанин кој се самоопределува различно од Македонците во нашата држава му припаѓа правото согласно нашиот устав и нашите закони да ги оствари своите права на колективен начин“, изјави Ковачевски.
Повод за овие изјави на македонскиот премиер беше извештајот на американскиот Стејт департмент(СД) за Бугарија, каде што во делот „човекови права – слобода на здружување“ се наведува прекршување на правото за слободно здружување.
„Властите продолжуваат да одбиваат регистрација на етничко-македонски активистички групи, како што се Обединета македонска организација (ОМО) – Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на репресирани Македонци – жртви на комунистичкиот терор, и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата биле прекршени слободата на здружување на групите“, се вели во Извештајот на СД за Бугарија.
Наспроти ова, во Македонија никој не забрани постоење на бугарски здруженија, туку беше даден тримесечен рок за да ги сменат провокативните имиња и да ги усогласат програмите и статутите според македонските закони, нешто што е забележано и во Извештајот на СД за бугарските клубови во Македонија.
Ваквите двојни аршини на Софија околу човековите права се причина зошто во македонската јавност постои голем отпор за внесување на бугарското малцинство во Уставот. ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на волјата на мнозинството, ги одбива и понатаму сите предлози на премиерот Ковачевски и Владата да се вклучи во подготовката на уставните амандмани.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поканата доаѓа предоцна, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ставот го кажа уште во 2022 година и дека оттогаш ништо не е променето.
– Нашата позиција беше јасна уште на онаа прес-конференција, на 28 април 2022 година, тука не оставивме простор никој да има дилема. Втората точка од таа прес-конференција беше формирање на тимови кои ќе преговараат со Бугарија и вклучување на тимови од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе работат про-боно да ѝ помогнат на владата. Затоа што замислете го Ковачевски, поставен во јануари 2022, неизбран од народот, веќе во април стигнуваат информации дека нешто се подготвува, излеговме во јавност и понудивме решение и прашуваме дали овој човек имал воопшто информации за процесот. Секако, тој не е вториот Кисинџер да може за 3 месеци да направи нешто со кое сите ќе бидеме задоволни, затоа понудивме луѓе кои ќе помагаат, за жал бевме одбиени, рече вчера Мицкоски гостувајќи на Канал 5.
Мицкоски додаде и дека потоа имаше средба заедно со потпретседателот Николоски заедно со пратеникот Милошоски со Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, на кој власта повторно изнесе плитки аргументи и не сакаше да ги прифати аргументите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Бидејќи ги следам пораките кои доаѓаат од СДСМ да сме се вклучеле да работиме на уставните измени и да сме го аргументирале тоа за кое ние сме биле против, може тие имале спротивни аргументи. Седевме на тој состанок, ги кажавме аргументите, а од другата страна не добивме контрааргументи, туку констатиравме дека нивните аргументи се плитки. Тие одлучија да влезат во авантура и да се создаде проблем, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека точно е дека постојат притисоци за уставните измени, но нема да попушти, бидејќи не се работи за инает, туку за одбрана на државните интереси.
– Ако ме прашувате дали има притисок и дали има непријатни состаноци, ќе ви кажам да, има притисок и има непријатни состаноци. Но, ако ме прашате дали сум подготвен да паднам на тој притисок ќе ви кажам дека ни милиметар нема да се поместам. Затоа што моите аргументи, кои јас ги пренесувам на тие состаноци, не се аргументи темелени на инает туку на логичен след на настаните. Разговараме и дебатираме, потенцира Мицкоски.
Тој на средбата, вчера, со министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, посочил дека „уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес“, соопшти партијата.
– Уставни измени под овие услови не прифаќаме. Нудиме план како земјава да дојде до преговорите со ЕУ. Планот е базиран на три столба: национален, политички и економски, а првата точка од него се предвремени избори. Да организираме предвремени избори и без техничка Влада, последниот датум нека биде 11 јуни. Нека остане Оливер Спасовски министер за внатрешни, нека останат и заменици-министрите од оваа Влада, истакнал Мицкоски.
(И.С.)