Иако претходно беше најавено дека фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе започне на 20 месецов, тој е поместен ден претходно и ќе трае до 26 август. „Фестивалот го поместуваме за ден порано од логистички причини затоа што се поклопуваме со затворањето на Охридско лето’. Сметавме дека не е на наша штета да го помрднеме, некои од гостите како на пример кинематограферката Дариа Д’Антонио (на „Божјата рака“) може да дојде“, рече Симеон Мони Дамeвски, претседателот на фестивалот „Браќа Манаки“ на денешната прес-конференција
Италијанско-американскиот филм „Божјата рака“ (The Hand of God) на Паоло Сорентино, добитник на „Сребрен лав“ на Венецијанскиот филмски фестивал во 2021 на кинематограферката Дариа Д’Антонио на 19 август во Битола ќе го отвори 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Иако претходно беше најавено дека фестивалот годинава ќе започне на 20 месецов, тој е поместен ден претходно и ќе трае до 26 август. „Фестивалот го поместуваме за ден порано од логистички причини затоа што се поклопуваме со затворањето на Охридско лето’. Многу ни е битно тоа за дел од важните гости кои сакаат да присуствуваат и кои сметаме дека треба да присуствуваат, меѓу кои и амбасадори кои не сакаа никако да го пропуштат нашиот фестивал. Сметавме дека не е на наша штета да го помрднеме, некои од гостите како на пример кинематограферката Дариа Д’Антонио (на „Божјата рака“) може да дојде, да присуствува на прес-конференција и да одржи мастер клас“, рече Симеон Мони Дамeвски, претседателот на фестивалот „Браќа Манаки“ на денешната прес-конференција на која селекторите детално ги претставија филмовите од фестивалските програми.
Како што потврди Дамeвски, во Битола доаѓа годинешниот лауреат за животно дело на фестивалот, британскиот кинематографер Ентони Дод Ментл познат по „Догвил“ кој се смета за пионер на дигиталната камера и е првиот кинематографер што добил „Оскар“ за филм снимен со дигитална камера, но сè уште се очекува потврда за вториот важен гостин, за познатиот кинематографер Џон Метисон познат по „Гладијатор“, „Фантомот од Операта“, „Икс мен: Прва генерација“ „Логан“, „Кралот Артур: Легендата за мечот“…
„Имаме концерти, диџеи од Берлин, по три журки секоја вечер, по еден коктел, многу мастер класови“, додаде Дамeвски, посочувајќи дека фестивалот ќе се одвива на три локации: главната – Центарот за култура во Битола каде ќе се прикажува долгометражната и краткометражната натпреварувачка програма, киното „Манаки“ со проекции на документарната и студентската, како и летната тераса на Офицерскиот дом за ревијалната програма „Мак корнер“ каде публиката ќе може да види филмови од македонската кинематографија снимени оваа и минатата година.
Под мотото „Реалноста не е доволна“ на фестивалот во четирите натпреварувачки програми ќе се прикажат вкупно 54 филма, од кои 14 во главната натпреварувачка програма, 12 во кратката, 10 во документарната и 18 во студентската.
Селекторот на долгометражната натпреварувачка програма Слаѓан Пенев, пак, повтори дека филмовите кои ќе се натпреваруваат се познати и наградени остварувања на европските фестивали. Покрај, канскиот победник „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд, шпанско-италијанскиот филм „Алкарас“ на Карла Симон, кој е добитник на „Златна мечка“ во Берлин, „Вози ја мојата кола“ од Рјусуке Хамагучи, Пенев го најави и „Божјата рака“ на Паоло Сорентино, кој го отвора годинешното издание на фестивалот. Дејството на филмот се одвива во Неапол, во 1980-тите, каде младиот Фабието ја следи својата љубов кон фудбалот додека се случува семејна трагедија, обликувајќи ја неговата неизвесна, но ветувачка иднина како режисер. Во главната селекција ќе се натпреваруваат и „EO“ на Јержи Сколимовски, „Мајка и син“ на Леонор Сераије, „Римини“ на Улрих Зајдл, македонските „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески и „Мими“ на Даријан Пејовски, „Од рајот“ од Срѓан Драгојевиќ, хрватско-српскиот „Чичко“ на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, „Осум планини“ на Феликс ван Гронинген и Шарлот Вандермерш, како и „Блиску“ на Лукас Донт.
„Ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Баскет“ на Димитар Банов, пак, ќе бидат македонски претставници во селекцијата на краткометражни филмови, чиј селектор е режисерката Марија Апчевска.
Организаторите открија и дел од имињата на членовите од жири-комисиите. На „Браќа Манаки“ меѓу членовите на жиријата се и нашиот кинематографер на „Медена земја“ Самир Љума, потоа Маја Богоевиќ, филмски критичар од Црна Гора, потоа Јелена Станковиќ од филмот „As far as you go“, како и Мариса Созен, позната турска актерка, ѕвезда на филмот „Зимски сон“.
За селекцијата на студентски филмови говореше Ѓорѓи Пулевски, кој истакна дека има еден македонски филм од ФДУ Скопје, пет балкански филмови од Словенија, Грција, Косово и Хрватска, а другите филмови се од остатокот од Европа од реномирани филмски академии во Англија, Виена, Прага, Минхен.
За офф програмата на фестивалот која се реализира на иницијатива на Општина Битола говореше Тоше Ивановски. Тој најави секојдневни изложби на раритети од колекционери кои ја раскажуваат фото и филмската историја на Битола, музички настани во духот на филмската музика, танци и анимации, како и манифестацијата „живи слики“ од архивите на Манаки. Притоа продолжува програмата „Наследниците на Манаки“ и првпат годинава ќе биде презентирано семејното наследство на познатиот Фото УНИ, добитник на Оскар за фотографија за најдобар фотографер на САД во 1965 година. Игор Новоградска и Оливер Јосифовски, Илија Апелгрин и многу други познати музички имиња ќе бидат дел од офф програмата, со изведби и промоции на филмска музика од „Бикини мун“, „Стела“. (Н.И.Т.)