Билјана Младенова: Разликата меѓу едната и другата власт се методите кои ги преземаа за да го замолчат Никола

9

Во Отворено Студио на 1ТВ за прв пат јавен настап имаше сопругата на починатиот новинар Никола Младенов, Билјана Младенова. Во врска со причините за сообраќајната несреќа на Никола Младенов, таа кажа дека Никола загинал поради неприлагодена брзина.

„Сознанијата со кои јас располагам не ја менуваат претходната фактичка состојба дека Никола загина во сообраќајна несреќа поради неприлагодена брзина, согласно условите на патот. Јас ја разбирам добрата намера на сегашната влада. Луѓето ја изгубија целосно довербата во институциите на системот. Тоа дополнително ги подгреваше сомнежите не само за сообраќајната несреќа на Младенов. Тоа не беше констатација само на граѓаните, туку и од целокупниот меѓународен фактор, добивме оценка дека нашиот правен систем е урнисан и имаме заробена држава. Да бидам децидна. Причината за трагичната сообраќајна несреќа е брзината. Апсолутно немам сомнеж дека стои нешто покрупно“, рече Младенова.

Според Младенова имало два најтешки моменти за весникот Фокус, а разликата меѓу едната  другата власт биле методите кои ги преземале за да го замолчат Никола.

-На ниедна власт не и било драго да биде критикувана. Разликата меѓу едните и другите е во методите што ги преземаа да го замолчат. Најтешки моменти за Фокус беа периодот од 2004-2005 година и периодот од 2008-2011 година. Во целост го поддржав за одлуката на дневен весник. Но, во тие моменти власта не беше подготвена да има објеткивна критика на дневна основа. Весникот Фокус имаше строга забрана да се продава во големите маркети. Во маалските гранапчиња беа условувани дека ако го продаваат Фокус, тогаш ќе им бидат повлечени весниците на МПМ, рече Младенова.

Во емисијата Младенова зборуваше и за казната која нејзиниот сопруг ја добил за клевета, а за која не ги искористил сите прави лекови, па на крајот ја платил казната. Го спомена периодот 2004 и 2005 кога СДСМ беше на власт и кога Младенов беше осуден за клевета на Црвенковски и Костов со текстот за швајцарските сметки.