Од Владата е одобрен план за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, подготвен од Министерството за финансии. Во него е предвидено како да се намали бројот на вработени во јавниот сектор, но и како да се  преземат вработени од други институции ако има потреба од нови вработувања. Тој опфаќа и зголемување на продуктивноста на вработените во државните институции за да не се работи со загуба. Планот предвидува и намалување на трошоците за електрична енергија, намалување на расходите за телефони, репрезентации, реклами, за службени патувања, порестриктивни услови и критериуми за користење на службените возила, како и намалување на расходите за договорни услуги

 

 

 

Како да се намали бројот на вработени во јавниот сектор, но и како да се преземат вработени од други институции ако има потреба од нови вработувања.Како да се зголеми продуктивноста на вработените во државните институции за да не се работи со загуба. Ќе се бара одговор на овие важни прашања со посебни мерки, кои се дел од новиот План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, подготвен од Министерството за финансии.

Подготвени се и анализи како да се зголеми продуктивноста на вработените во државните институции, но и мерки како претпријатијата што работат со загуба да ги намалат вкупните трошоците за 20 отсто и да го намалат бројот на вработени на неопределено време.

Како што информираат од Министерството за финансии, темелно подготвениот План за финансиска одржливост треба да даде одговор како да се обезбедат заштеди од буџетските корисници, јавните претпријатија, трговските друштва во државна сопственост, како и локалните самоуправи и локалните јавни претпријатија. Овој План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст е усвоен од Владата на Македонија.

– Планот е дел од определбата на Министерството за финансии за постепена фискална консолидација. Содржи конкретни мерки кои, преку рационализација, штедење и зголемена наплата на изворните приходи, ќе придонесат за намалување на буџетскиот дефицит и на долгот, определба што е поставена и со фискалната стратегија на РС Македонија за периодот 2024-2028 година – информира министерот за финансии Фатмир Бесими.

Бесими вели дека мерките во Планот се структурирани во три групи. Според него, првата група содржи мерки и препораки за намалување на расходите, втората мерки и препораки за подобрување на наплатата на буџетските приходи, а третата мерки и препораки за јавните претпријатија и за трговските друштва во државна сопственост. Како што смета министерот, сето ова е во насока на оптимизација на расходите во работењето и зголемена и подобрена наплата на приходите што се во нивна надлежност.

– Мерките и препораките за намалување на расходите се однесуваат на консолидација и рационализација на расходите за плати и надоместоци. Меѓу мерките се рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор, зголемување на ефикасноста и продуктивноста на вработените и рационализација на бројот на работните места заради зајакнување на институционалните капацитети за потребите за процесот на преговори со ЕУ. Новите вработувања да се реализираат првенствено преку мобилност и преземање вработени од други институции во јавниот сектор – објаснува министерот Бесими и дополнува дека се предвидени консолидација и рационализација на расходите за стоки и услуги преку намалување на непродуктивните расходи и поефикасно користење на ресурсите за работа.

Планот предвидува и намалување на трошоците како за електрична енергија, намалување на расходите за телефони, за репрезентации, реклами, за службени патувања, порестриктивни услови и критериуми за користење на службените возила, како и намалување на расходите за договорни услуги.

Се препорачува рационализација на расходите за субвенции и трансфери, како и мерки за квалитетно и навремено реализирање на капиталните проекти.

– Се очекува да се постигне подобрување на наплатата на приходите преку унапредување на даночната регулатива, зајакнување на капацитетите на даночната администрација, унапредена ефикасност на системот за наплата на акцизните приходи, како и зајакнати активности за спречување на даночната евазија и поефикасно детектирање и справување со неформалната економија – посочуваат од Министерството за финансии.

Со овие мерки се опфатени и трговските друштва во државна сопственост. Препораката е оние што работат со загуба, да ги намалат вкупните трошоци за 20 отсто, но и да го намалат бројот на вработени на неопределено време.

За сите претпријатија се предвидува намалување на расходите за договорни услуги, мерки за зголемена наплата на побарувањата, намалување на расходите за репрезентации, спонзорства, реклами, службени патувања, за набавка на мебел, опрема, како и сведување на минимум на набавката на возила, вклучително и преку лизинг.

Во овој план се вклучени и единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и другите институции основани од општината. Неопходно е, сметаат од ресорното Министерство, да се преземат мерки и активности за консолидација на нивните буџети и финансиски планови, а тоа треба да обезбеди преку зголемена наплата на изворните приходи и намалување на помалку приоритетните расходи.

Министерството за финансии смета дека еден од резултатите што се очекуваат од спроведувањето на овој план е постепено да се намали буџетскиот дефицит, забрзување на економскиот раст и исполнување на интегративните процеси на земјава за приклучување во ЕУ.

(В.Ма.)