Денес несомнено, човештвото ја покажува својата крајна немоќ; гордиот и супериорен „над-човек“, самозамислениот „господар на светот“, сега, во 21 век, во екот на најголемата технолошка експанзија, го гледаме стуткан од страв, испаничен и немоќен. Се плаши и се крие од еден непријател, толку „голем“ што не е дури ни видлив за човечкото око. Гледате каква иронија?!. Со овие реченици ја започнува својата беседа за кризата владиката Епископ Антаниски г. Партениј.
Оценува дека трагичното не е тоа што сега нè камшикува некоја казна Божја – не, туку нè камшикуваат плодовите на нашите сопствени дела (гревовите).
– А зошто е тоа така? Затоа што мнозинството луѓе се оддалечија од својот Отец и Творец. И сега ги жнееме плодовите на тоа оддалечување. Се оддалечивме од Бога, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе. „Идол на самиот себе постанав…“ – како што вели Свети Андреј Критски во неговиот Покаен канон. Ја изгубивме страхопочитта кон Бога, а со тоа и почитта меѓу себе. Човештвото се беше впуштило во една безумна трка за материјални богатства, слава, моќ, суета, оценува владиката Партениј.
Потсетува дека во една неодамнешна негова проповед кажал дека современата цивилизација во многу нешта наликува на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да консумира сѐ што ќе види ,дека доколку не успее да консумира баш сѐ, тогаш тој останатото го расфрла, уништува, гази под нозете и ото ја претворила планетата во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух.
– Желни за што поголема материјална заработка, работодавците безобѕирно ги принудуваат работниците да работат и во неделите, на празниците, не оставајќи им простор и време да отидат в црква да се помолат и да поминат малку повеќе време со семејството. Од друга страна, и многумина од работниците доброволно се согласуваат да работат на празници и прекувремено, за што поголема печалба, без да бидат свесни, и едните и другите, дека на тој начин прават дисхармонија во човечките души, во семејната клима, а со тоа и во целото општество. И ете, дојде време таквата неблагословена оптовареност да си го наплати данокот, вели владиката.
Се потсетува и на неговата покојна баба, која, како што наведува, често велела: „парите заработени за време на празник, кога не треба да се работи туку да се појде на молитва, да знаете дека никогаш не завршуваат на арно“.
Тоа, таа го објаснувала на едноставен начин, со прости зборови, но предвид ја имала,како што вели владиката, целокупната состојба на богоотстапништвото.
Според владиката Партениј „нашиот добар небесен Татко од нас бара доброволно да ги запазуваме начелата на верата, празниците, молитвата, постите, семејните вредности и меѓусебните односи на топлина и радост, а сега ни се наложи по неопходност да се прибереме, да се смириме“.
– Затоа, да бидеме мудри и да го исползуваме ова богодопуштено време, оваа своевидна општа епитимија, за да се пронајдеме себе во себеси, да ја почувствуваме вродената поврзаност со нашите со-луѓе, да се задлабочиме преку покајание во верата, да стасаме преку преумување до преслаткиот наш Христос – Исцелителот на човечките рани и болести и Воскресителот на нашите души и тела, ја завршува својата беседа за актуелната криза, владиката Епископ Антаниски г. Партениј.