За патување во Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија и во други земји од ЕУ со сопствено возило, треба да поседувате, покрај домашна, и меѓународна возачка дозвола. Во случај да немате ваков документ, може да бидете казнети до 50 до 300 евра. Овој вид дозвола со години наназад се издава во АМСМ, има рок на важност од три години и чини 950 денари. Засега македонската возачка дозвола важи само во Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Косово, Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија и во Обединетото Кралство – Англија, Велс и Шкотска. За патување во сите останати земји од ЕУ, мора да се има  овој меѓународен документ

 

 

Македонските граѓани што летово ќе патуваат во Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија и во други земји од ЕУ со сопствено возило, треба да поседуваат, покрај домашна, и меѓународна возачка дозвола. Овој вид дозвола со години наназад се издава во АМСМ, има рок на важност од три години и чини 950 денари.

Во земјите каде што е потребно да се поседува меѓународна дозвола, на граничните премини не ја бараат, но ако случајно ве сопре полиција при патувањето и ви ја побара, а ја немате, може да бидете казнети со 50 до 300 евра. Експертите велат дека во случај на некоја сообраќајна незгода, а не сте виновни, ако не поседувате меѓународна возачка дозвола, вие ги сносите сите трошоци и дополнително, можно е да бидете казнети од тамошната сообраќајна власт.

– Ако поседувате меѓународна возачка дозвола и не сте ја предизвикале незгодата, сите трошоци ќе ви бидат покриени, исто како да сте во сопствената држава. Меѓународната возачка дозвола е документ кој функционира на принципот на автоодговорност и го стекнувате со самата регистрација на возилото во сопствената земја – објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од осигурителна компанија што води многу вакви случаи, за македонски возачи што имале сообраќајка во некоја држава, а не поседувале меѓународна дозвола.   

Засега македонската возачка дозвола важи само во Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Косово, Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија и Обединетото Кралство – Англија, Велс и Шкотска. За патување во сите останати земји на ЕУ, мора да се има овој меѓународен документ.

Од АМСМ велат дека согласно со потпишаните конвенции и правните регулативи на земјава за патување со моторно возило надвор од државата, потребна е меѓународна возачка дозвола. Таа се издава согласно со Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата,усвоена на 8 ноември 1968 година, во Виена.

Лицата, пак, што ќе патуваат во странство со возило што не е во нивна сопственост, неопходно е да имаат одобрение за управување туѓо моторно возило. Најчесто се забележува оваа појава кога патуваат полнолетни лица од семејството во странство, а не се сопственици на возилото. Оваа потврда се доставува на увид на самиот граничен премин. Како што посочуваат од АМСМ, одобрението се издава врз основа на овластувањата што ги добиле тие од FIA – организација која ги обединува сите автомото и туринг клубови, како и здруженија на светско ниво.

– Овие документи можете да ги извадите 24/7 во АМСМ Центар. Потребни документи за меѓународна возачка дозвола се две  фотографии (45мм x 35 мм), при што неопходно е лично присуство на лицето, кое ќе достави документ за идентификација, лична карта или пасош. На увид треба да се достави и домашната – национална возачка дозвола, како и потврда од Министерството за внатрешни работи за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, која, пак, се издава од МВР, во просториите на АМСМ – информираат од АМСМ и дополнуваат дека меѓународната возачка дозвола е со траење од три години, но со истекот на важноста на националната возачка дозвола, истекува и важноста на меѓународната возачка дозвола.

За да се намали метежот за издавање на овој документ, од АМСМ  појаснуваат дека можете да извадите меѓународна возачка дозвола во рамките на работното време, на шалтерот на МВР во АМСМ или 24/7 во АМСМ Скопје – Центар доколку лицето веќе ја поседува потребната потврда од МВР за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.

Што се однесува, пак, до добивањето полномошно за управување со туѓо возило, информираат од АМСМ, неопходно е поседување сообраќајна дозвола од возилото и лично присуство на сопственикот со документ за идентификација, лична карта или пасош, како и лично присуство на корисникот на возилото со пасош. 

(В.Ма.)