Штотуку родено машко бебе вчера попладнето било пронајдено во парк во Топанско поле. Детето било оставено голо во тревата покрај патот.

Новороденчето го пронашол случаен минувач кој додека се движел низ паркот слушнал детски плач. Кога се доближил до местото од каде што се слушало бебешко плачење тој бил шокиран од глетката. На тревата лежело голо бебе речиси крваво, а покрај него немало никој.

Веднаш ја повикал полицијата која за кусо време заедно со екипа на Брза помош пристигнале на местото каде што било оставено новороденчето и тоа било пренесено во Клиниката за детски болести.

Во непосредна близина на местото каде што било оставено бебето била пронајдена и папочната врвца која упатува на тоа дека најверојатно детето е родено на улица.

Полицијата ја зела и истата ке биде дадена за вештачење.
Од Клиниката за детски болести велат дека новороденчето е во добра здравствена состојба

–Детето беше донесено голо, на клиниката . За да го згрееме бидејки додека било надвор телото му беше студено веднаш го ставивме во инкубатор да се загрее. Даден му е среум и соодветна терапија и неговата состојба во моментов е стабилна без никакви проблеми – изјави за весникот Вечер Катерина Ставриќ, директорка на Детска клиника.

Како што ни објасни директорката детето според сите белези е родено завчера и оставено без соодветна грижа.

Разговаравме и со доктор Наташа Алуловска од одделот на неонатологија во Детската клиника која прва го зела новороденчето во раце и му ја пружила првата лекарска помош во болницата.

-Беше голо завиткано само со кебенце кога го донесоа колегите. Телото му беше студено… Плачеше со убав интензивен глас. Веднаш му ставивме вакцина и му дадовме соодветна терапија – ја раскажува докторката првата средба со бебето.

Како што ни рече и таа, детето е во стабилна состојба, “Засега нема име. За тоа сега не ни размислуваме. Важно ни е тоа да е во стабилна состојба ”- појаснува доктор Алуловска.

Кој се родителите на детето и каде тоа било родено дали во паркот или пак на друго место, а потоа оставено во тревата испитува полицијата. Од таму велат дека преземаат се за расветлување на случајот, но детали не откриваат.
Ова не е прв случај на бебе да биде родено, па фрлено.

Во март, годинава сличен случај беше откриен во Струмичко кога 19-годишната тинејџерка се породила дома, а потоа новороденчето го фрлила го фрлила во јама во полско ве-це.

Случајот во полиција го пријавил лекар од болницата каде што била донесена штотуку породената тинејџерка.

По пријавата полицијата при преглед на домот, на повеќе места, биле пронајдени докази кои укажувале на тоа дека таа навистина се породила дома, а детето било пронајдено мртов во полското веце.

Со кривичен прогон се соочува и студентка од Скопје, која пред неколку години се породила во тоалет на граничниот премин Табановце,а потоа со заби ја прегризела папочната врвца на новороденчето, и без никаква совест и мајчинска грижа живото дете го фрлила во корпа за отпадоци и продолжила на апсолвентска екскурзија во Чешка Република.

23 годишната девојка која што веќе била во поодмината бременост односно во седмиот или осмиот месец, а за која што никој не знаел ниту пак постоеле податоци дека претходно била лекарски контролирана, додека чекала за пасошка контрола, почувствувала силни болки во пределот на стомакот по што се упатила во тоалетот во административната зграда на царинската управа на Табановце и без ничија помош се породила.

По породувањето го зела бебето и го ставила во корпата за отпадоци, по што го продолжила апсолвентското патување.

Новороденчето во корпата за отпадоци било забележано утредента од персоналот на граничниот премин Табановце, по што случајот е пријавен во Секторот за внатрешни работи Куманово. Истрагата утврди дека ако детето соодветно било згрижено по породувањето тоа можело да преживее.

Јавноста се уште го памети и случајот со бебето од Арачиново кого лекарите додека се бореа за неговиот живот му дадо име Најден. Но тој ја изгуби битката поради повредите што му ги нанеле родителите кои и ден денс не се познати за истрагата.

Бебето Најден беше пронајдено со отсечен јазик, во тешка здравствена состојба и фрлено во двор во скопското село Арачиново.