Ајварката почна да се нуди и на Фејсбук, но џабе нема интерес!

Земјоделците ајварката почнаа да ја нудат и на Фејсбук, но попусто продажбата оди слабо. Велат дека цените се нешто повисоки од лани, но нема интерес за подготовка на зимница. Граѓаните велат дека годинава ретко кој ќе може да си дозволат да прави домашна зимница, бидејќи, освен маслото, кое чини 150 денари за литар, и дрвата стигнаа до 5.000 денари за кубен метар

484

Откупот на ајварката во Струмичко е во полн ек, но продажбата оди тешко. Дел од земјоделците своето производство почнаа да го нудат и на фејсбук, но џабе нема интерес. Велат дека цените се нешто повисоки од лани, но продажбата е многу послаба. Граѓаните велат дека годинава ретко кој ќе може да си дозволат да прави домашна зимница, бидејќи, освен маслото за јадење, кое чини 150 денари литар, и дрвата стигнаа до 5.000 денари за кубен метар.

И на зелените пазари каде што ајварката се продаваше по 50 денари за килограм, трговците велат дека се купува по неколку килограми за разлика од порано кога се купуваше со вреќи.

-Пипер има, но продажбата оди многу тешко. Почнавме да го нудиме и на социјалните мрежи, но само прашуваат за цена. Го продаваме по 80 денари кило, но пиперот е многу квалитетен прва класа, непрскан, крупен… Лани имаше голема побарувачка и многу добро се продаваше. Годинава е многу слабо, не знам дали е поради поскапата струја, дрва, масло… Народот нема пари, но и за нас земјоделците трошоците многу ни се зголемени, за ѓубре, за потхранување, препарати за прскање…, освен тоа бара многу работа, а пласман нема, вели за ВЕЧЕР, Ратко Захариев, земјоделец од Македонска Каменица.

Тој додава дека на пазарите го продаваат по 50 и 60 денари за килограм, но е со послаб квалитет. Цената на ајварката многу зависи од тоа дали е крупен и прав, бидејќи доколку не е прав се губи многу време за да се излупи кога се прави ајвар и поради тоа цената му е пониска.

Во Струмичко деновиве откупот на ајварката се интензивира, но според производителите, годинава има значително помали количини од лани. Прва класа се откупува од 35 до 40 денари, а втора класа она за индустриска преработка по 25 денари за килограм.

– Количествата се намелени во споредба со лани, делумно поради скапите репроматеријали, а делумно поради климатските фактори. Сега-засега има пипер, но ако падне дожд и овој што го има по нивите ако не се обере побрзо може да скапе, вели Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица.

И тој вели дека побарувачката е многу опадната, дали поради скапата струја, зејтин, дрва или поради тоа што немаат пари одеднаш да дадат за неколку вреќи пипер.

Освен кај пластеничкото производство на ајварка намалување на производството поради неповолните временски услови има и кај производството на отворено. Според проценките, наместо очекуваните 15 до 20 илјади тони, од овие површини сега би требало да бидат набрани од 7.000 до 10 илајди тони ајварка.

(А.С.)