Ахмети му сврте грб на Заев

214

Наспроти очекувањата и најавите за консензуален кандидат, на неполни три месеци пред изборот на нов претседател на државата, Ахмети му сврте грб на Заев и најави партиски кандидат за претседателските избори. Познавачите на политичките прилики коментирааат дека ова уште толку ќе ја продлабочи кризата меѓу СДСМ и ДУИ, која деновиве се интензивираше по обелоденувањето на аферата за парите од ПИОМ.

По завршувањето на состанокот на Централното претседателство, лидерот на интегративците, според информациите, предложил ДУИ да истрча со свој претседателски кандидат и доколку се договорат партиите на Албанците да застанат зад еден кандидат за шеф на државата, што било поддржано од сите членови на претседателството.

По состанокот во Мала Речица, извесно е дека заедно со претседателските, напролет ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Партиски извори брифираат дека оваа идеја е се поверојатна, иако првично беше отфрлана од партиите на власт.

Комуникологот Петар Арсовски во изјава за Вечер вели дека во секој случај предвремени парламентарни избори не се исклучуваат, но според него тие би биле поради несогласувањата СДСМ и ДУИ, а не поради поткрепа на претседателските. По овој изборен циклус, мислам дека ќе следи реформа на претседателските избори, бидејќи вака како што е, се бира со висок цензус, а претседателот има малку ингеренции.

-И покрај негирањето од владејачката коалиција, сметам дека предвремени избори заедно со претседателските уште се во игра – не само заради цензусот, туку и за да се решат несогласувањата што постојат меѓу владините партнери. И досега албанските партии оделе со свој кандидат, а за во втор круг најчесто поддржувале македонски кандидат. Е сега, во оваа ситуација има две опции – или ДУИ и СДСМ да се смират или сите албански партии да се обединат и да понудат заеднички кандидат, кој, на некој начин, би го загрозил другиот кандидат, додава Арсовски.

Високиот цензус за избор на претседател и понатаму е најголемиот предизвик за партиите, во пресрет на претседателските избори. Партиите засега официјално не соопштуваат кои се нивните фаворити кои ќе истрчаат во предизборната трка.

Доколку на изборите не се постигне цензус од 40 отсто во вториот круг, за шест месеци изборите ќе треба да се повторат, а во меѓувреме претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја врши функцијата претседател на државата за што вели дека е подготвен.

-Според Уставот не може да има празнина во функцијата. Тоа што сум презел одговорност да бидам претседател на Собранието тоа значи дека сум ја презел цела одговорност, а една од тие одговорности е и таа – вели Џафери.

Во анкетите за можни кандидати за претседателските избори се појавува и името на Имер Селмани, кој на претседателските избори во 2009 година беше кандидат на албанската Нова Демократија, но доби голема поддршка и од македонските гласачи. Не ја исклучува можноста да се кандидира и на овие избори, но вели, потребна му е и политичка поддршка.

-Идниот претседател на државата мора да ја има поддршката на мнозинството граѓани најмногу заради патот кој треба да го изодиме до крајната цел ЕУ и НАТО.
Во 2009-та се кандидарав и сум прв кандидат на немнозинската заедница кој добил голема поддршка и од мнозинската заедница.
Во иста ситуација пред две години се најде и премиерот Зоран Заев кој доби огромна поддршка и од албанските партии.
Со овие две ситуации Република Македонија покажа дека е зрела како општество и дека граѓаните го положија испитот. Сега останува само на политичките партии да најдат начин и договор за доброто на државата и да најдат кандидат кој ќе биде прифатлив и кој ќе добие поддршка и од сите етнички заедници со што ќе даде голем придонес за внатрешната кохезија и ќе ги претставува сите свои граѓани, вели Селмани во изјава за весникот Вечер.

Согласно крајниот рок, претседателските избори ќе бидат распишани на 8 февруари потврди собранискиот спикер Талат Џафери. Тоа според календарот, ќе значи дека првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.