Анкета ИРИ: Сиромаштијата, нискиот животен стандард и високите цени – најголем проблем за граѓаните

Дури 56 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, покажува последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Судството и јавното обвинителство остануваат на дното со само 1% доверба кај испитаниците, по алармантно ниската доверба во анкетата во октомври лани од четири, односно три осто и критиките од меѓународниот фактор, особено САД и ЕУ за функционирањето на правосудството во земјава. Ако во недела има избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19%, а за СДСМ 11%. Само 10 отсто поддржуваат внес на Бугарите во македонскиот Устав, додека 44% целосно и 20 отсто делумно се противат на промената на Уставот. Според 52 проценти од испитаниците, македонскиот јазик е целосно или делумно загрозен во преговорите со ЕУ, а 16 проценти сметаат дека е целосно заштитен. 

102

Се стопи и онака ниската доверба на македонските граѓани во институциите и главните сектори во земјава, покажува последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Судството и јавното обвинителство остануваат на дното со само 1% доверба кај испитаниците, по алармантно ниската доверба во анкетата во октомври лани од четири, односно три осто и критиките од меѓународниот фактор, особено САД и ЕУ за функционирањето на правосудството во земјава. Друштво на судството и обвинителството им прават Државната комисија за спречување на корупција, која има пад на довербата од 5 на 2 отсто, Парламентот и политичките партии од 4 исто така на 2 отсто и Владата и Државната изборна комисија од 7 на 3 проценти доверба кај граѓаните.

Дури 68 отсто од испитаниците сметаат дека во Македонија нема владеење на правото и дека ниту владините функционери ниту опозициските политичари не се придржуваат до законот при вршењето на нивните работни места.

Довербата во полицијата и во јавните здравствени установи исто така бележи пад од 10 на 5 проценти во однос на акетата на ИРИ од октомври лани.

Најголемиот дел од испитаниците ги посочиле сиромаштијата, нискиот животен стандард, високите цени и воопшто економската ситуација во земјава како најголем проблем со кој се соочува Македонија во моментов. Потоа следуваат ниските плати и пензии или нивното неисплаќање, невработеноста, емиграцијата на младите, корупцијата, криминалот, па генералната политичка ситуација во земјата. 48 проценти од испитаниците сметаат дека во следните две години економската ситуација во земјава ќе се влоши, а само 10 отсто очекуваат подобрување.

Новата анкета на ИРИ покажува зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво.

Македонија се движи во погрешна насока

Граѓаните во Македонија се поделени во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Дваесет и осум отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, додека само 14% го мислат истото за земјата како целина. Дури 56 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Граѓаните во Изборната единица 4 се најзадоволни од работата на градоначалникот и општинскиот совет.

На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.

-Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Во однос на тоа за колку години Македонија ќе стане членка на ЕУ, 22 отсто од испитаниците сметаат дека тоа ќе се случи во следните 5 години, 17 проценти за 6 до 10 години, 28 за повеќе од 10 години, а 17 отсто одговориле дека земјава никогаш нема да влезе во Унијата. Исто така, 39 проценти сметаат дека Македонија е подалеку од ЕУ денеска, отколку во декември 2005 година, кога прв пат го доби кандидатскиот статус.

НЕ за преговарачката рамка и Бугарите во Уставот

Само 12 проценти од испитаните граѓани целосно го поддржуваат преговарачкиот процес кој Македонија го има со ЕУ, под преговарачката рамка предложена од француското претседателство, додека 33 отсто целосно, а 17% делумно се противат на овој преговарачки процес. Кај повозрасните од 56 години, дури 57% не го поддржуваат процесот. Само 10 отсто поддржуваат внес на Бугарите во македонскиот Устав, додека 44% целосно и 20 отсто делумно се противат на промената на Уставот. Според 52 проценти од испитаниците, македонскиот јазик е целосно или делумно загрозен во преговорите со ЕУ, а 16 проценти сметаат дека е целосно заштитен.

Анкетата исто така покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31% од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани, најниско ниво до сега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.

-Нашата анкета покажува дека помал број на граѓани имаат доверба во еднакво спроведување на законот. Лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата, рече Мекарти.

ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ

Ако во недела има избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19%, а за СДСМ 11%.

Претседателот Стево Пендаровски има целосна доверба од 12 отсто и 26 проценти делумна доверба кај испитаниците и е политичар кому граѓаните најмногу му веруваат. На второ место во оваа категорија е Никола Груевски, со 11 отсто целосна доверба, плус 19 отсто делумна доверба, а на трето Христијан Мицкоски со осум отсто целосна и 21 отсто делумна доверба.

Али Ахмети со 6 проценти поддршка е најпопуларен политичар во Македонија според анкетата. Потоа следуваат Никола Груевски и Христијан Мицкоски со по 5 проценти, додека Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски се со 4 односно 3 проценти поддршка. Билал Касами исто така има 3 отсто поддршка, додека Зијадин Села 1%. Дури 42 отсто од граѓаните својата поддршка не ја даваат на ниту еден политичар во земјава.

Граѓаните сметаат дека Германија и Хрватска имаат најголема поддршка за Македонија на патот кон нејзиното полноправно членство во ЕУ. 32% од македонските граѓани ја сметаат поддршката од германската држава како најголема, додека втора е Хрватска со доверба од 19%. По нив следуваат Словенија со 14% и Франција со 11%. На листата уште се и Австрија, Грција, Белгија, Унгарија и Италија.

Македонците ја гледаат Бугарија како најголем противник на Македонија за зачленувањето на ЕУ. Дури 66 отсто од Македонците рекле дека Бугарија е најголемиот противникна зачленувањето на Македонија кон ЕУ. Но на листата е и Грција со 29 отсто, трета е Франција.

Анкетата е спроведена од „Брима“ во периодот од 8 април до 4 мај 2023, врз примерок од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години. (В.С.Н.)