Александар и Дац се претставија со „Љубовен пасош“ пред бугарската публика

289

Престижниот фестивал „SoFest“ во Софија, кој веќе пет години се одржува под покровителство на градоначалничката на главниот град Јорданка Фандакова, собра многу познати имиња на бугарски писатели, уметници и изведувачи. Партнер на фестивалот беше Културниот центар на Република Северна Македонија во Софија. За доброто расположение се погрижија и познатите македонски пејачи Александар Митевски и Драган Спасов -Дац, јави дописникот на МИА од Софија.

Повеќе од час и половина нивните песни ги држеа посетителите на фестивалот на нозе. Дуото Александар и Дац претставија дел од својот албум „Љубовен пасош“ на кој има многу популарни песни не само од Северна Македонија, туку и од други балкански земји, меѓу кои Бугарија, Турција и Србија. Дел од албумот е снимен во Бугарија заедно со познатите пејачи од квартетот „Дестени“ со кои познатото македонско дуо има творечки контакти. Меѓутоа, нивната песна „Корона чао“, која стана многу популарна во Бугарија, предизвика вистински бум. Публиката неколку пати сакаше бис. Нивниот концерт брзо стана балкански, на кој беа изведени песни од познати српски и босански уметници.

Александар на публиката во Софија и порача дека нивниот концерт во Софија долго ќе го памети, бидејќи љубовта и пријателството се она што треба да ни помогне во регионот. – Сакајте се, ова мора да го прават луѓето од двете соседни земји Северна Македонија и Бугарија, рече тој.

Концертот се одржа во отвореното кино Кабана на специјалната летна сцена во близина на Националната палата на културата во Софија.